ЕУ и Кина ги договорија основните принципи на Договорот за инвестиции

Лидерите на Европската унија и кинескиот претседател Си Џинпинг денеска ги одобрија принципите на Договорот за инвестиции.
– Европската унија и Кина ги завршија преговорите за сеопфатен договор за инвестициска соработка, соопшти претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по видео-конференциската средба меѓу ЕУ и Кина.
„ЕУ има најголем единствен пазар во светот. Ние сме отворени за бизнис, но сме посветени на реципроцитет, еднакви услови и вредности. Денеска ЕУ и Кина ги завршија преговорите за договор за инвестиции”, напиша таа на својот профил на Твитер, нагласувајќи дека договорот придонесува за „поизбалансирана трговија и деловни можности“.
Според новинската агенција Синхуа, договорот е постигнат по онлајн средба, на која присуствуваа кинескиот претседател Си Џинпинг, францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Инвестицискиот договор меѓу ЕУ и Кина ќе им овозможи на европските компании невиден пристап до кинескиот пазар, а Пекинг вети дека ќе „работи за“ ратификација на меѓународните работнички правила, соопшти Брисел.
Нарекувајќи го договорот пакт од „големо економско значење“, во соопштението на ЕУ се вели: „Кина е ангажирана на ниво без преседан на пристап до пазарот за инвеститорите од ЕУ“.
Покрај тоа, ЕУ соопшти дека Кина се залага за „ефикасно спроведување на правилата на Меѓународната организација на трудот, кои веќе ги ратификуваше“ и работи на ратификување на клучните конвенции на МОТ, вклучително и оние за присилна работа.
Преговорите почнаа во 2014 година, но со години немаше голем успех поради голем број прашања. Претставниците изјавија дека трговските тензии меѓу САД и Кина помогнале во промена на позицијата на Кина.
Според Би-Би-Си, договорот ќе го отвори кинескиот производствен сектор за европските компании, вклучително и во областите градежништво, маркетинг, воздушен транспорт и телекомуникации.
Едно од најспорните прашања беше барањето на Кина за пристап до пазарот на енергија во ЕУ. Договорот се очекува да му овозможи пристап на Пекинг до мал дел од европскиот сектор за обновлива енергија на реципрочна основа.
По одобрувањето, договорот мора да биде ратификуван од Европскиот парламент, процес што веројатно нема да почне пред втората половина на 2021 година