ЕУ и воведе санкции на Србија за руската нафта, Вучиќ шокиран ја обвинува Хрватска

Земјите од Европската унија гласаа за осми пакет санкции против Русија, кој вклучува ограничување на цените на руската нафта што ја извезуваат трети земји. По усвојувањето на оваа одлука, Србија нема да може да увезува нафта од Русија преку Јанаф, што значи дека санкциите воведени кон Москва се префрлени и на Србија.

-Србија не воведува санкции кон Русија, затоа не треба да има корист од отстапувањето. Другите земји-членки (ЕУ) се согласија со оваа позиција, изјави дипломатски извор кој учествуваше во разговорите за новиот пакет санкции, пренесува Радио Слободна Европа.

Ваквата одлука, според режимските медиуми, го шокирала претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој смета, како што се наведува, дека Хрватска е најодговорна за блокадата што ѝ е наметната на Србија.

Според најавите, Вучиќ треба да се огласи по овој повод, а главната причина поради која српскиот претседател е незадоволен од одлуката на ЕУ е тоа што Бугарија, каде што работи рускиот Лукоил, доби привилегирана позиција, односно изземање.

Ќе биде забрането да се превезува руска нафта од декември 2022м или нафта која се извезува од Русија, по морски пат, и да се дава техничка или финансиска помош во оваа цел.

Ценовниот плафон што се воведува ќе овозможи превоз само доколку купената нафта е под одредена цена. Датумот на стапување на сила и износот на плафонот сѐ уште не се усогласени на ниво на ЕУ. ЕУ се надева дека со ова ограничување на цената ќе се намалат приходите на Кремљ, иако бројни прашања остануваат неодговорени, како на пример начинот на кој ќе се контролира реалната цена на натоварената нафта, или промената на знамето на бродовите што ја превезуваат за да ги избегнат санкциите.

ЕУ потсетува дека на сила се и забрани за осигурителните компании и банките, што би требало да помогне да се намали обемот на превезена нафта.

За Западниот Балкан останува едно главно неодговорено прашање, а тоа е дерогацијата за добивање нафта преку Хрватска. Имено Хрватска преку нејзиниот нафтовод увезува руска нафта која потоа ја препродава на земјите од Западен Балкан.

Регионот се надеваше дека ќе добие изземање од овие санкции за да може да продолжи да набавува руска нафта преку Хрватска, но во овој момент земјите членки не успеале да се договорат за оваа дерогација. Од Европската Комисија велат дека темата не била темелно дискутирана во ЕУ, но дека ќе се врати на дневен ред пред декември, кога стапува на сила новиот пакет.

Back to top button
Close