ЕУ и забраната на социјалните мрежи за деца
Германскиот канцелар Фридрих Мерц смета дека регулирањето на социјалните медиуми може да помогне во спречување на „дефицити на личноста и проблеми со социјалното однесување на младите луѓе“. Шпанскиот премиер Педро Санчез сака да ги заштити децата од „дигиталниот Див Запад“. А, францускиот претседател Емануел Макрон инсистира дека „емоциите на нашите деца и тинејџери не се на продажба, ниту смее да бидат предмет на манипулација“. Иако ниту една европска земја сè уште нема во целост воведено забрана за социјални мрежи за деца, намерата е јасна и процесот на забранување е во тек. Норвешка, Грција, Обединетото Кралство, Данска, Италија и Холандија се меѓу голем број европски земји кои размислуваат за некаков вид забрана, додека и во ЕУ сè повеќе нештата се движат во таа насока. Многу влади веројатно ќе се потпрат на искуството на Австралија, која во декември минатата година ја воведе првата забрана за социјални медиуми во светот, за лица под 16 години. Политиката се потпира на надзорот од самите компании за социјални мрежи. Платформи како Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок, Јутуб и Редит кој поднесе тужба против забраната, сега имаат ограничувања на возраста, додека онлајн игрите и апликациите за допишување како Воцап не се опфатени со забраната.

Владината комесарка за е-безбедност, Џули Инман Грант, минатиот месец извести дека компаниите за социјални мрежи „го отстраниле пристапот до околу 4,7 милиони профили идентификувани како деца под 16 годишна возраст и тоа во првата половина на декември“, но обновени податоци на прашање од ДВ, не беа доставени.
Ударните цифри не ја отсликуваат целата приказна
Тама Ливер, професорка по интернет студии на Универзитетот Куртин во Перт, за ДВ вели дека овие импресивни бројки, кои го привлекоа вниманието на многумина во Европа, не мора нужно да ја доловуваат целата слика. „Немаме детална анализа на бројката, ниту знаеме колку нови профили – веројатно од тинејџери кои се претставуваат како постари луѓе – биле отворени во истиот период“, вели тој. Тој додаде дека според анегдотските податоци „многу млади на возраст од 13 до 15 години се чини дека ја заобиколиле забраната, додека други биле блокирани на некои платформи, но не и на други“. Оваа проценка ја потврдуваат медиумските извештаи и други експерти. „На техничко ниво, ограничувањата и непрецизноста на обидите за верификација на возраста преку селфиња и други алатки, беа во огромна мера подеднакво несигурни како што многумина очекуваа однапред“, вели Ливер.
Дали владите пребрзо го следат примерот во Австралија?
Бранот европски земји, како и други ширум светот како Индија и Малезија, кои сакаат да го следат примерот на Австралија, ја изненади Сузан Сојер од најголемиот австралиски истражувачки центар за детско здравје, Институтот за истражување на децата „Мердок“.
Забрана за социјални мрежи – да или не?
01:44
„Очекував дека ќе има многу повнимателно следење на резултатите од австралиската забрана пред владите да се вклучат толку брзо“, вели таа за ДВ и додава дека „не знаеме какви ќе бидат ефектите од забраната и треба внимателно да го оцениме. Владите треба да бидат внимателни да не помислат дека забраните на социјалните медиуми се магично решение за овој проблем“. Ливер се согласува дека Европа за сега треба да го следи развојот на ситуацијата. „Никој вистински не знае каква разлика ќе направи забраната, но со сигурност знаеме дека ќе поминат години, а не месеци, пред да се случи каква било мерлива културна промена – ако воопшто дојде до тоа. Би имало многу повеќе смисла другите земји да почекаат и да видат што ќе се случи во Австралија и какви поуки може да се извлечат, пред да брзаат со сопствено непрецизно законодавство“, вели тој.
Дали забраната ги збуни тинејџерите?
Истражувањето што го водела Сојер, а кое беше претставено пред Одборот на сенатот на Австралија во пресрет на воведувањето на забраната, покажало дека децата на возраст од 10 до 13 години покажуваат најизразени негативни последици од користењето на социјалните мрежи, особено девојчињата. Иако возрасните ограничувања се разликуваат во европските предлози, таа смета дека секоја промена ќе биде „бавна и постепена“. „Во следните неколку години, сегашната генерација на деца од шест до 10 години, кои сè уште немаат пристап до паметни телефони или социјални медиуми, ќе бидат постари во моментот кога нивните родители прв пат ќе им дозволат пристап. Тоа ќе биде промена во општествените норми која нема да се случи преку ноќ“, вели таа.
Германија: Треба ли да се забранат смартфони во училиштата?
00:59
Ливер се залага за постепено воведување на евентуални забрани и подолг, подлабок период на консултации со децата. „Најзбунетата група се лицата на возраст од 13 до 15 години кои веќе имале профили на социјалните мрежи, се отстранети од платформата, а потоа се враќаат штом наполнат 16 години“, вели Ливер и додава дека „би имало многу повеќе смисла правилата да се воведуваат постепено – лицата под 13 години да не можае да отвораат профили сѐ до 16 години, но оние кои веќе имаат профили да може да го задржат пристапот. Мислам дека многу тинејџери на визраст од 13 до 15 години чувствуваат дека забраната е донесена против, а не заеднички со нив“, вели Ливер.
Дали австралискиот модел воопшто може да функционира во Европа?
Имајќи ја во предвид брзината со која Европа напредува кон забрани и досегашното отсуството на гласот на децата во дебатата, ова веројатно би можело да биде проблем и на континентот. Сепак, д-р Штефан Драјер од Институтот за медиумски истражувања Лајбниц во Хамбург за ДВ вели дека според него на Германија и на Европа не им се ни потребни таквите забрани. Тој истакнува дека Европскиот закон за дигитални услуги, усвоен пред една година, веќе адресира многу безбедносни проблеми и дека заради начинот на кој функционира правото на ЕУ доста е сложено компаниите за социјални мрежи да се обврзат, да спроведуваат национални забрани.
Дали ТикТок е виновен за самоубиства на тинејџери?
Иако постојат различни начини за постигнување слични цели во Европа, тој смета дека податоците и натаму се нејасни. „Поуката за Европа е предупредувачка, Австралија го покажува јазот помеѓу политичката привлечност на одлучната забрана и техничките и правните сложености на нејзиното спроведување. Верификацијата на возраста во голем обем бара или сеопфатна инфраструктура за контрола, или пак профилирање според веројатноста, при што двата пристапа подразбираат длабоко задирање во правата на сите корисници. Европа со своите посилни рамки за основните права, би се соочила уште посилно со таквите тензии. Треба да учиме од тешкотиите на Австралија, а не да брзаме да ги повториме“, заклучува Драјер. (Dw)






