ЕУ и заеднички историски учебници

Упорноста во бугарските инсистирања за пишување заеднички историски учебници, но во кои преде сè ќе доминираат бугарски историографски толкувања, само го засилува национализмот. Молкот на ЕУ поради таквите притисоци и уцени, со кои градењето добрососедски односи се условува со целосно неприфатлив историски ревионизам, е загрижувачки, но во суштина и не е нешто сосема ново во односите меѓу земјите-членки.

Пред петнаесеттина години Германија дури предложи да се подготви заеднички учебник по историја за учениците од целата ЕУ, па така сите да учат за европската историја. Но таквиот предлог веднаш наиде на спротивставени мислења, дури и пред да биде официјално претставен во Брисел.

Од страна на Данска, на пример, беше нагласено дека е потполно незамисливо учество во таков пројект, без оглед што еден таков учебник би можел да биде интересен како четиво за многумина. Но во Данска, како што тогаш беше речено, не би можело да се дозволи ниту државата, ниту пак ЕУ, да се мешаат во содржината на образовните учебници. Данското спротивставување на геманскиот предлог за заеднички европски учебник не беше дочекан како некакво големо изненадување, бидејќи во ЕУ никогаш не ни постоела согласност како да бидат опишани и толкувани историските настани.

За скептиците, за кои ова подрачје е лизгав терен, беше доволно да потсетат на претходните неуспешни напори да се подготви заеднички француско-германски учебник по историја, како јасен доказ за тешкотиите да се постигне согласност во однос на опишувањето на историјата. Во делови од споменатиот учебник, француските и германските историчари сепак не можеле да се договорат за да презентираат заеднички толкувања, како, на пример, кога станува забор за улогата на САД во Европа, или, пак, во однос на чувствителниот период на поделена Германија и историографските факти за поранешната ДДР.

Еден друг интересен пример за нејасен историографски пристап е историското раздобје во Скандинавија, кое се нарекува епоха на Викинзите. Но таква епоха, како што неретко се укажува, никогаш не постоела. Луѓето кои живееле во Шведска, Данска и Норвешка од крајот на осмиот па до почетокот на единаестиот век, воопшто не биле свесни дека живееле во епоха на Викинзите. Зборот Викинг постоел, значењето му е нејасно, но епохата на Викинзите  била „откриена“ дури во времето на напливот на национализмот во 19-иот век за да го означи и воспее скандинавското славно минато. Но денес никој не ја наметнува „историската големина“ на сопствениот народ како поголема и поважна меѓу скандинавските соседи. Историјата во Скандинавија не се доживува како повод за раздор и блокирање на патиштата за добрососедска соработка.

Искуствата, гледано пошироко, се различни. Пред неколку години Владимир Путин, поаѓајќи од фактот дека во Русија се користеле преку стотина различни учебници по историја, соопшти дека на Русија и е потребен еден нов, заеднички учебник по историја, бидејќи задача на училиштето треба да биде воспитување на учениците во духот на патриотизмот. Набрзо потоа беше публикуван и посебен концепт со кој беа утврдени смерници за тој нов учебник, на што реагираа руски опозициски политичари, нарекувајќи го Путиновиот концепт „како изваден од Орвеловата 1984“. Опозицијата всушност предупреди дека Кремљ сака да ги спречи алтернативните историографски толкувања.

Идеите за постигнување согласност околу утврдување на историските факти и опишување на заедничката историја тешко поминуваат со инстант-решенија за употреба според проценката за извлекување полза од карактерот на дневно-политичкиот миг. Посебно кога политичарите не можат да се воздржат и да не ги плеткаат прстите во историјата.

Кога станува збор за Балканот, тој, се чини, воопшто и не може да функционира без своето познато „скандализирање“, посебно кога станува збор за историјата која внесува длабок раздор меѓу соседите. Но разликата во споредба со скандинавскиот контекст е и во мошне широко распростанетиот „сочен“ вокабулар, наследен преку воспитување, образованието и некритичкото повторување и нагласување на длабоко вкоренетите предрасуди, негаторски ставови, јазични омаловажувања и исмевања, квазиисториски измислици и цела низа погрдни зборови и тешки навреди. Ако се каже и нешто позитивно за соседниот народ, тоа на Балканот тешко привлекува симпатии.

Историјата му дава сила на национализмот. Софија наметна ирационална дебата за историската улога на Гоце Делчев, допирајќи ги најчувствителните точки на националната идентификација и историскиот колективен идентитет. Тоа, се разбира, е само уште еден пример за груб обид за наметнување уравниловка на историските факти, каде што митовите за потеклото, епохите на националната големина и историските трауми функционираат како централни точки во националистичкиот историографски пристап. Резултатот од вплеткувањето на политичарите во оваа дебата е како движење на слон во стаклена бавча.

Претседавачот на работната група за изработка на споменатиот заеднички руски историски учебник, смета дека секој треба да се однесува кон историјата на сопствената земја како кон своето сопствено семејство. „Тоа е моето семејство, но и покрај сите негови недостатоци се гордеам со него“.

Нема никакво сомневање дека молкот на ЕУ во однос на блокадата на преговорите за членството на Македонија, поради агресивните националистички барања на Бугарија за ревизија на историските факти и бришење на колективното историско паметење кај соседниот народ, е загрижувачки. Во барањата на Брисел за исполнување на Критериумите од Копенхаген за приме на нови членки, никаде не се споменуваат реформи за политичко „дотерување“ на историографијата.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close