ЕУ има за цел да стане глобален лидер во набљудувањето на океаните


Европската комисија планира да инвестира 92 милиони евра (106,7 милиони долари) во технологии за набљудување на океаните, како дел од иницијативата за претворање на Европа во водечки светски снабдувач со податоци за океаните.

– Европа ќе го предводи натпреварот во разбирањето на нашиот океан, неговата заштита и одржливото искористување на неговиот потенцијал-изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Ова е прашање на користење на науката и доброто управување за да го разбереме нашиот океан и да ја обезбедиме нашата иднина – рече таа.

Набљудувањето на океаните е од клучно значење не само за заштита на морската средина и за прогнозирање на климата, туку и за економски активности како што се рибарството, енергијата од обновливи извори на море и поморскиот транспорт, соопшти комисијата.

Финансирањето ќе биде обезбедено од програмата за истражување на Европската Унија, „Хоризонт Европа“ (Horizon Europe).

Околу 51 милион евра ќе бидат наменети за зајакнување на придонесот на ЕУ во Глобалниот систем за набљудување на океаните на Обединетите нации, 30 милиони евра за иновации и 12 милиони евра за подобрување на споделувањето и достапноста на податоците.

Комисијата има за цел ЕУ да придонесе со „35 отсто во глобалниот систем за набљудување на океаните до 2035 година и да обезбеди 35 проценти од пазарот за технологии за набљудување на океаните“, се наведува во соопштението за медиумите.

Комисијата исто така повика на подобра координација меѓу земјите на ЕУ, истражувачките тела и индустријата со цел да се усогласат инвестициите и приоритетите.

Back to top button
Close