ЕУ „лајт“ – без вето

Крајно време е Бугарија да го симне своето вето против Македонија. Со такво децидно барање, соопштено деновиве во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, Шведска повторно ја критикуваше бугарската влада поради блокирањето на преговорите за членство на Македонија.

Официјален Стокхолм веќе неколку пати инсистираше дека преговорите со Македонија не треба повеќе да се одложуваат, а “посебно сега, во актуелните безбедносно-политички состојби во Европа во светлината на руската агресија против Украина“. Заложбите на ЕУ во Западен Балкан, во интерес на приклучувањето на земјите кандидадтки кон заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, треба да бидат „кохерентни, стратегиски и кредибилни“.

 

Токму така, од Софија се очекува конструктивност за да се заштити кредибилитетот на ЕУ и да се деблокираат евроинтеграциите во регионот, наместо  и понатаму да се толерира френетичното мавтање со вето во Софија, со цел да се исполнат некакви сомнителни политички цели. Добрососедско „пријателско“ убедување тешко се постигнува со еднострани блокади, бидејќи гласот на разумот тешко пробива во атмосфера на зовриен и бескомпромисен инает.

Бугарското вето, се разбира, не се случи како сосема неочекувано изненадување, бидејќи блокадите веќе со децении успешно се користат на Балканот. Бугарија секако можеше да биде само охрабрена од претходното вето на францускиот претседател Емануел Макрон, кој пред неколку години се погрижи ЕУ-рампата уште повисоко да биде крената пред земјите кандидатки за членство во Западен Балкан.

Но кој, и на каков начин треба да решава во ЕУ? И дали политичката моќ во поголем обем треба да се пресели пред сè во Европскиот парламент, наместо да остане во земјите-членки? Тоа што сега станува јасно е дека многумина на Денот на Европа, 9 мај, останаа незадоволни од завршните резултати на конференцијата за иднина на ЕУ, што ја иницираше Макрон, а која потоа во својот инаугуративен говор ја вети Урсула фон дер Лајен, кога ја презеде функцијата на претседател на Европската комисија.

Незадоволството се шири во разни насоки, како, на пример , кога станува збор за предлогот да му се даде право на Европскиот парламент да предлага закони и референдуми, но и да добие зголемена моќ и решавачко влијание при усвојувањето на ЕУ-буџетот. Посебно е ингтересен уште еден предлог што предизвикува голема иритираност на разни места во ЕУ, кога е во прашање можноста за укинување на најсилното оружје што го имаат земјите-членки – правото на вето.

Таквите предлози наидуваат на поддршка од страна на политичари кои долго време се залагале за една пофедерална Европа, и кои сега тврдат дека најновите предлози, произлезени од едногодишната конференција за иднината на ЕУ, го покажуваат патот кон постабилна и подемократскаУнија, која на таков начин станува и поспособна да се спротивстави на дезинтегративните тенденции и предизвици на континентот.

Значи, она што добива нагласено внимание како предлог за иднината на ЕУ, е укинување на барањето дека мора да се постигнува консензус меѓу ЕУ-членките во однос на прашања што се во доменот на надворешната политика. Со други зборови, една земја-членка не би требало да има право на вето за да ги кочи другите земји-членки и со тоа да го блокира развојот на ЕУ.

Разбирливо е дека таквите предлози се добредојдени за многумина што можеби веќе им преку глава тврдоглавоста на одделни земји-членки да посегнуваат кон вето штом ќе почувствуваат дека од нив се очекува да попуштат малку во интерес на заедничките европски интереси.  Но тоа пред сè бара Унијата да внесе промени во ЕУ-договорот (уставот на ЕУ). Мнозинство во Европскиот парламент заговара такви промени, кои наидуваат на поддршка и од страна на претседателката на Европската комисија. Дер Лајен вусшност сака барањето за консензус да биде отстрането со цел да се забрзаат процесите на донесување одлуки во ЕУ. Во одн ос на тоа прашање дер Лајен добива извесна поддршка од неодамна реизбраниот француски претседател Макрон.

Но меѓу останатите ЕУ-членки апетитите за такво нешто се помали. Бугарија е една од тие земји што се спротивставува, имајќи предвид со колкав ентузијазам го прегрнува своето право на вето, застанувајќи зад мислењето дека сега не е време ЕУ да ја троши својата политичка енергија на дискусии околу промени на уставот. Се разбира тоа ни најмалку не ја спречува Софија да продолжува упорно да бара промени во македонскиот устав, борејќи се непоколебливо рампата пред влезот во Европа да остане тврдо спуштена пред нејзиниот сосед.

Сосема е јасно дека на укинувањето на правото на вето во ЕУ треба да му претходи и едно похрабро соочување, отколку што тоа досега можеше да се види, за надминување на деструктивните ефекти од политиката на двојни стандарди, со чија примена на една речиси целосно неподготвена земја, каква што пред деценија и пол беше Бугарија, а во многу нешта и сè уште е таква, ù се дозволи да стане полноправна членка на европското семејство, додека на Македонија истото тоа право на лицемерен начин ù се ускратува.

За Макрон во послоедно време се тврди дека се иритира на дер Лајен поради нејзиното настојување во разни ситуации да се покаже во светлина на заеднички ЕУ-глас, и да дејствува како претседател на ЕУ, а што, се разбира, во извесна смисла ги загрозува европските лидерски амбиции на францускиот претседател.

Поаѓајќи од сегашните несигурни геополитички состојби, Макрон, откако му се олесни по победата во претседателската трка со Ле Пен, веднаш продолжи со своите реформаторски идеи, предлагајќи овојпат дека е потребна уште една, проширена политичка организација за соработка во Европа. Еден вид „потенка“ и полабава Унија – „EU light”, што ќе ги опфати и оние земји што сè уште не се членки. Но останува да се види дали Макрон, напоредно на тоа, ќе го турка и сознанието дека искуствата околу досегашното право на вето, посебно кога тоа се користи на деструктивен начин, не можат да придонесат за јакнење на врзивното ткиво на европското семејство и на неговата проширена политичка соработка. Па макар таа да се претвори и во алтернативен „лајт“ производ.

Ивица Челиковиќ

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close