ЕУ најверојатно останува без место во „Одборот за мир“ за Газа на Трамп

Меѓу членовите на „Одборот за мир“ за Газа што се очекува да ги предложи американскиот претседател Доналд Трамп ќе се најдат францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, но во него ќе нема столче за претставник на Европската Унија, објави лондонски „Тајмс“, повикувајќи се на изјава на функционер на ЕУ.

ЕУ пројави интерес за учество во „Одборот“ уште при одлуката за негово формирање со Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН од ноември 2025 година. Според Резолуцијата, „Одборот“ ќе има задача да ја поддржи администрацијата, обновата и економското закрепнување на Појасот Газа по војната.

Еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица уште тогаш изјави дека ЕУ треба да биде претставена во ова транзициско тело што го предложи Трамп во неговиот план од 20 точки за Газа

– Ако зборуваме за фер-плеј, тогаш сигурно треба да имаме место во овој „Одбор“. Ние сме најголемите, не само донатори, туку и играчи. Ние сме нивни најблиски соседи. Затоа мислам дека треба да имаме место во овој „Одбор“, рече Шуица еден ден по усвојувањето на Резолуцијата 2803.

Но, според последните информации, Трамп не предвидува посебно место за ЕУ во „Одбор“, што како што оценуваат бриселските медиуми создава ново „непријатно чувство во Брисел“.

Ова дополнително, што во моментов ЕУ останува најголемиот финансиски поддржувач на Палестинската автономна управа, која според планот на Трамп би требало да го преземе управувањето со Појасот Газа.

Со „Одборот за мир“ за Газа ќе претседава некогашниот бугарски министер за надворешни работи и за одбрана и европратеник, како и поранешен специјален претставник на ОН за Блискоисточниот мировен процес и за Ирак, Николај Младенов, а неговите „полноправни членови“, според „Аксиос“, Трамп ќе ги објави во текот на оваа недела.

Се очекува во него, покрај Трамп, да членуваат околу 15 светски лидери, вклучително и на Велика Британија, Египет, Катар, Саудиска Арабија и Турција.

„Одборот“ ќе има за цел да го надгледува формирањето на идната палестинска технократска влада и процесот на реконструкција на Газа.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close