ЕУ не отстапува „ни за милиметар“

Денко Малески

Како еден од учесниците во креирањето и спороведувањето на македонската надворешна политика, немам ништо против, премиерот, како што го стори тоа некни на самитот ЕУ-Балкан, да се повикува на достигнувањата на државата и жртвите што сме ги поднеле за да се доближиме до ЕУ во изминативе децении независна држава. Поинаку кажано, да се повикува на сето она што други партии и личности го понеле на сопствени плеќи во прилог на евро-атлантската ориентација на државата.

Признавам, тоа ми изгледа по малку лицемерно ако се знае дека новата власт, не ретко, го прогласува за „предавство“ дома се она со што се фали надвор, но тоа е само доказ дека и партијата на македонските националисти се прилагодува на реалностите на меѓународната политика. Зашто, сите наши успеси беа во форма на горчливи компромиси кои мораше да ги направи малата мултинационална држава без излез на море, само за да опстане. Згора на тоа, тоа беа компромиси кои можеби, на времето, ќе беа поповолни да не беа опструирани од претходниците во раководството на неговата партија.

И не е дека токму сега на народот му дошло преку глава од „попуштања“,па, повеќе нема да правиме никакви отстапки. „Ни за милиметар“, како што рече во една прилика премиерот. Напротив. Мислам дека денес, во ерата на интернетот, многу повеќе луѓе ја разбираат меѓународната политика и се спремни да сослушаат разумни компромисни решенија. Ама тие треба да дојдат од главите на политичаририте, од политичкото водство на државата. Како во времето на радикализираните национализми во југословенската федерација кога Македонија, пливајќи против струјата, ја водеше политиката на мирољубивото самоопределување.

Иронијата на историјата ( и среќа за Македонија) беше што наместо националистите, кои беа најгласни за брзо раскинување со сојузот и за отпор кон секаков надворешен притисок, патот до меѓународно признавање го реализираа „пројугословенски“политичари од типот на првиот претседател Киро Глигоров. Имено, таквите луѓе беа спремни на разговор и на компромисни решени за да ја заштитат државата од пожарите на етничките војни дома и да не предизвикаат воена интервенции од надвор. Ни во еден момент од тие страшни деведесетти, немаа простор да кажат дека не попуштаме „ни за милиметар повеќе“.

Денес, на оние кои водат меѓународно етаблирана држава, членка на НАТО им се чини дека тој простор постои. Но само во мислите на луѓето од новата власт кои немаат искуство на светската сцена. Во реалната меѓународна политика – тој простор,не постои. Лекција која веќе ни е зададена со завршниот документ од самитот ЕУ-Балкан: строго почитување на Преспанскиот, договор кој владеачката партија го оспорува и на Договорот со Бугарија, кој целосно го отфрла. Тоа е лекцијата која што ќе ја научи новата власт. Цената ќе биде изразена во загубено време до полноправно членство во ЕУ. Ако заборавиме на утешителните дипломатски пораки и надежи за напуштање на ветото, пораката од Брисел до нашата влада е дека ЕУ „не отстапува ни за милиметар“.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close