ЕУ подготвува внатрешна реформа која треба да се одвива паралено со преговарите за членство со земјите кандидати

ЕУ ќе го започне процесот на реформи кои треба да ѝ овозможат прием на нови земји членки, процес за кои сите се согласни дека ќе биде тежок и долготраен, но исто така неизбежен за да може да функционира со 30 или повеќе земји членки. Главниот предизвик е да се убедат неколку земји членки да прифатат процес на одлучување со квалификувано мнозинство наместо досегашната консензуалност.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, обраќајќи се пред пратениците во Европскиот парламент соопшти дека подготвува план за реформи во ЕУ кои би биле приоритет во новиот мандат на ЕК по европските избори во мај.

Во меѓувреме Германија, Франција и Португалија формираа неформална група која ги подготвува предлозите за реформирање на ЕУ кои ќе и овозможат ефикасност во функционирањето по ветениот прием на земјите од Западниот Балкан, Украина и Молдавија.

„Овој дом веќе изнесе храбри идеи за реформа на нашите договори“, рече Фон дер Лајен пред Европскиот парламент. „Следниот месец, Комисијата ќе истапи со своите предлози пред Европскиот парламент и Советот а во пресрет на закажаната лидерска дебата на оваа тема организирана од белгиското претседателство “, рече фон дер Лајен.

Земјите од ЕУ кои се за реформи веќе соопштија дека чекаат предлози од Брисел за да започнат посериозни дискусии за ова прашање во Советот.

Според дипломатите и официјалните претставници од ЕК се очекува акциски план што ќе го поврзе секој реформски чекор со чекор на проширување. Идејата е дека ЕУ треба да ги заврши реформите до приклучувањето паралено со процесот на преговри за прием на новите земји членки.

Според актуелната стратегија мошне важно е да се обезбеди процесот на внатрешни реформи да се одвива паралено со процесот на преговори и на тој начин постепено да се придобие наклоноста на земјите членки кои сега се скептични во однос на поддршката на реформата на процесот на одлучување во ЕУ. Балтичките и нордиските земји членки заедно со Унгарија се засега главните опоненти на внатрешната реформа на ЕУ.

Ваквата стратегија ги неутрализира и ставовите на скептиците во земјите кандидати кои сметаат дека преговарачкиот процес нема смисла се додека не се случи реформата во ЕУ.

Борјан Јовановски

Back to top button
Close