ЕУ постигна договор по петдневни маратонски преговори

По петдневни маратонски преговори, лидерите на земјите членки на ЕУ конечно постигнаа договор околу пакетот помош, под името „Next Generation EU“ и повеќегодишната финансиска рамка, односно буџетот на Унијата за следните седум години.

Договорениот пакет е во вредност од 1.830 милијарди евра, од кои 750 милијарди евра се наменети за пакет помош за земјите членки погодени од коронавирусот, околу кој најмногу се кршеле копјата за време на преговорите.

По многу компромиси, пакетот е усвоен во Европскиот совет, така што 390 милијарди евра ќе бидат во облик на неповратна помош, а 360 милијарди како поволни кредити.

Првичниот однос, според предлогот на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, беше 500 милијарди евра неповратна помош и 250 милијарди кредити.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека „тешките преговори во тешки времиња“ завршиле добро за сите членки на ЕУ и народот на Европа.

– Ова е добар и силен договор. Покажавме колективна одговорност, солидарност, како и верба во заедничка иднина. Верувам дека на овој договор ќе се гледа како на одлучувачки момент на европскиот пат, кој ќе не лансира во иднината, порача Мишел.

Тој нагласи дека со новиот договор, „првпат во историјата на ЕУ“, буџетот е силно поврзан со климатските цели, а владеењето на правото претставува одлучувачки критериум за потрошувачката од буџетот.

Back to top button
Close