ЕУ повика на повторно отворање на Ормускaтa Теснина и прекин на нападите врз енергетската и водоводната инфраструктура
Европските лидери повикаа на повторно отворање на Ормуската Теснина и мораториум на нападите врз водоводната и енергетската инфраструктура на Блискиот Исток за време на нивниот состанок во Брисел синоќа, на кој разговараа и за зголемувањето на цените на енергијата предизвикани од војната, објавија светските агенции.

Европскиот совет упати заеднички повик за стабилизација на снабдувањето со енергија и „деескалација и максимална воздржаност“ од страна на завојуваните страни.
„Европскиот совет го осудува губењето на цивилни животи и внимателно го следи долгорочното влијание на воените дејствија, вклучително и врз економската стабилност“, се вели во соопштението.
Лидерите, исто така, го повикаа Иран да прекине да ги напаѓа своите соседи и се заложија за меѓународна соработка за спречување на големи бегалски кризи на Блискиот Исток. Во нивната изјава, европските лидери ги поздравија „засилените напори објавени од земјите-членки, вклучително и преку засилена координација со партнерите во регионот, за да се обезбеди слобода на пловидбата во Ормуската Теснина откако ќе се исполнат условите“.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ЕУ „ќе се залага за деескалација и враќање на стабилноста на Блискиот Исток“. „Борбите мора да престанат, барем за неколку дена, за да се обидеме да им дадеме шанса на преговорите“, рече Макрон.
„Многу сме загрижени за енергетската криза“, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер пред состанокот.
Тој рече дека цените на енергијата веќе биле многу високи пред војната, но дека конфликтот „создал нов бран“.
Европските лидери ги отфрлија барањата на американскиот претседател Доналд Трамп да испратат воени средства за обезбедување на Ормуската Теснина.
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер рече дека Европа „нема да дозволи да биде уценувана“ да се придружи на воената кампања на САД и Израел на Блискиот Исток.
„Интервенцијата во Ормуската Теснина во секој случај не е опција за Австрија“, рече тој.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека „нема желба“ меѓу лидерите за проширување на европските поморски сили до Црвеното Море за да помогнат во обезбедувањето на Ормутскиот теснец или на друг начин да се приклучат на конфликтот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го повтори својот став дека Германија „може да се вклучи само откако ќе стивнат оружјата“ и во исчекување на меѓународен мандат.
Иако ЕУ не е страна во конфликтот, холандскиот премиер Роб Јетен рече дека ги разбира причините на САД и Израел за започнување на кампањата против „бруталната“ иранска влада. Тој ја повика ЕУ да ги засили и санкциите кон Иран и поддршката за иранските опозициски групи.
Други, сепак, остро ја окарактеризираа војната како нелегална и дестабилизирачка.






