ЕУ: Расипаните апарати ќе се поправаат наместо да се фрлаат

Правото на поправка би требало да помогне за стимулирање на кружната економија во ЕУ и за намалување на планините од отпад. Според пресметките на Европската комисија, поради тоа што производите се фрлаат прерано наместо да се поправаат, секоја година се создаваат околу 35 милиони тони отпад. Годишната штета за потрошувачите како резултат на тоа изнесува околу 12 милијарди евра. „Ние ги правиме попривлечни поправките за време на законскиот период на гаранција со тоа што законскиот гарантен рок се продолжува за една година, доколку потрошувачот тогаш се одлучи за поправката“, вели европратеникот Рене Репаси.

Стимулации за поправки

Дури и откако ќе истече гаранцијата, потрошувачите треба да можат да вршат едноставни и исплатливи поправки секогаш кога е тоа можно. „Згора на тоа, создаваме право на барање од производителите да мора да поправаат производ дури и по истекот на гарантниот период“, вели Репаси, „и создаваме обврска за сите земји-членки да промовираат поправки на своите територии“.

Тоа може да се прави, на пример, со ваучери или национални фондови за поправка. За поправките да бидат попривлечни во иднина предвидени се и други стимулации, како дозвола за продавачите и трговците да изнајмат уред за замена за време на поправката или да понудат стар модел на производот, доколку тој не може повторно да се поправи. Исто така, во иднина нема веќе да може да се одбива поправка на веќе поправани производи.

 

Полесни поправки во независни работилници

Новите правила се однесуваат на тешките апарати за домаќинство, како што се фрижидери, машини за миење садови, но и смартфони, таблети и велосипеди. Сепак, списокот може да се прошири во наредните години. Потрошувачите кои сакаат да ја поправат расипаната правосмукалка, тоа во иднина ќе може полесно да го прават во независни работилници. Во иднина, производителите ќе треба да имаат достапни резервни делови и упатства за очекуваниот животен век на производот. Европска платформа за поправки ќе треба да им го покажува на потрошувачите најбрзиот пат до работилниците за поправка.

 

Производите мора да може да се поправаат

Новите правила, исто така, им ја олеснуваат поправката на мајсторите и хоби-мајсторите. Тоа ќе започнува со развојот на производите. Производителите се обврзани да се погрижат производите да може да се поправаат, односно да нема пречки вградени во софтверот или хардверот што го отежнуваат отворањето на уредите со стандарден алат. „Во иднина ќе можеме да ги поправаме нашите мобилни телефони, лаптопи и машини за перење полесно и поевтино“, вели европратеничката на Зелените, Ана Кавацини, фалејќи ги новите правила „Ѝ пославме тепих на кружната економија, го менуваме начинот на кој работиме, правејќи ја одржливоста вреден бизнис-модел.“

Државите членки на ЕУ имаат рок од две години за вклучување на правото напоправка во своите национални закони.(dw)

Back to top button
Close