ЕУ се уште без договор за ковид-пасошот, разговорите продолжуваат утре
Лидерите на ЕУ доцна синоќа не успеаја да ги договорат деталите за европските ковид-пасоши, што големите туристички центри ги сметаат за витални за спас на претстојната туристичка сезона, јави ДПА.
Преговарачите од Европскиот парламент, Европската комисија и владите на земјите-членки разговорите ќе ги продолжат утре, соопшти португалското претседателство со ЕУ.
Дигиталниот сертификат може да ги отвори повеќето земји на ЕУ да се патува во рамките на Унијата уште од крајот на јуни, дури и кога пандемијата на коронавирусот продолжува и загриженоста за новите мутации на вирусот останува голема, додава германската агенција.
Документот треба да покаже дали некое лице имало негативен тест за Ковид-19, неодамна заздравело од вирусот што ја предизвикува болеста или е вакцинирано.
Ова може да обезбеди основа за откажување од барањата за карантин, што се актуелни за многу патувања во Унијата. Меѓутоа, останува на секоја од 27-те земји-членки да одлучи какви поволности носи сертификатот во рамкиите на нејзините граници.
Германската европратеничка Корнелија Ернст синоќа изјави дека преговарачите не успеале да се договорат за основните прашања.
-Дискусиите се вртеа околу клучните точки од договорот, како што е барањето на ЕП за пристап до бесплатни тестови за секого, додаде Ернст по вчерашните преговори.
Европските законодавци,исто така, одбија да им се даде можност на одделни земји на ЕУ да воведат свои ограничувања за влез на пристигнувања од други нации на ЕУ, дури и ако имаат сертификат.
Извршната европска власт во март го изнесе предлогот за „дигитален зелен сертификат“ и веднаш почна со преговорите.
Комесарот за правда Дидие Рејндерс претходно нагласи дека прашањето за бесплатно тестирање е на националните влади.
Грција веќе ги ублажи условите за влез за странски посетители, а Шпанија им дозволува на туристите од ЕУ да влезат во земјата со негативен тест.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, досега е целосно вакцинирана една шестина од возрасната популација на Европската унија. Целта на комисијата до септември овој процент да се зголеми на 70 проценти.