ЕУ смирува дека има доволно резерви на нафта и гас

Европската Унија има доволно резерви на нафта и гас и покрај нарушувањата во снабдувањето предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток, соопшти Европската комисија. Според Брисел, моменталната ситуација не укажува на ризик од енергетска криза, иако растот на цените на енергенсите останува главна грижа за европските економии.
Портпаролката на Европската комисија, Ана-Каиса Итконен, изјави дека земјите-членки располагаат со резерви на нафта или еквивалентни енергетски резерви доволни за околу 90 дена. Таа нагласи дека засега нема индикации за прогласување вонредна состојба во снабдувањето со енергенси.
Според Комисијата, во моментот поголем предизвик за европските држави се високите цени на енергијата, а не недостигот на нафта или гас. Сепак, внимателно се следат случувањата на глобалните пазари, особено поради геополитичките тензии што можат да влијаат врз транспортот и снабдувањето со енергенси.
Во меѓувреме, земјите од Г7 планираат разговори за можноста од ослободување дел од стратешките резерви на нафта како превентивна мерка доколку пазарните турбуленции продолжат. Таквите механизми се користат во ситуации кога постои ризик од значително нарушување на глобалното снабдување со енергенси.






