ЕУ со јасна поддршка за уставните измени како следен исчекор на нашите евроинтерграции

Властите во земјава се заложија за успешна реализација на сите потребни активности со цел натамошно динамизирање на пристапниот процес и одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ. Од претставниците на ЕУ, пак, упатена јасна поддршката за следниот исчекор на нашата држава во европските интерграции, но и порака дека земјата мора да ги спроведе уставните измени за таа цел, бидејќи нереално е да се очекува повторно отворање на Преговарачката рамка.

Ковачевски во обраќањето на почетокот на 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, што се одржа вчера во Скопје, меѓу другото истакна дека овој состанок на Советот има историска димензија, бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со започнати преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како членка на НАТО.

– Со целосна посветеност кон реформската агенда и динамизирање на процесот на преговори, Владата си постави амбициозна цел – Северна Македонија да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во Европската Унија до крајот на 2030 година, за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетски период на Европската Унија, порача премиерот Ковачевски.

Во делот на реформите, потенцира тој, Владата е подготвена да работи и заедно со европските партнери на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото.

– Во ЕУ, како и за земјите претенденти за членство вклучително и за нас клучни се поглавјата 23 – Судство и фундаментални права и 24 – Правда, слобода и безбедност. На состанокот се согласивме дека во делот на правото мора да има независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судските авторитети и затоа заеднички ги охрабруваме правосудните органи за видлив напредок на овој план што е очекување и потреба пред се на граѓаните на нашата држава, рече Ковачевски.

На прес-конференцијата по состанокот тој истакна дека земјава направи јасен стратешки избор кога се постави целосно и недвосмислено на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е оценето како посебно важно во новиот геополитички контекст и војната на европскиот континент поради руската воена агресија на Украина.

– Високо се цени и нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година со што Северна Македонија активно придонесува за мирот и стабилноста во предизвикувачкиот глобален контекст. Потврда за тоа е и што утре преговорите помеѓу Србија и Косово ќе се одвиваат токму во нашата држава, рече премиерот Ковачевски.

Советот за стабилизација и асоцијација, додаде тој, го поздрави и склучениот договор со ФРОНТЕКС за што потсети дека е прв договор потпишан на македонски јазик и сите други јазици на ЕУ помеѓу Северна Македонија и ЕУ.

Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, порача дека иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани е во рамките на ЕУ, бидејќи само заедно сме доволно силни да се соочиме со предизвиците на тешкото геостратешко опкружување, а за да стигнеме во Унијата треба да продолжиме да одите напред и како држава и како општество.

– Да се оди напред значи да се продолжи со усвојување и имплементирање реформи коишто воведуваат европски стандарди и коишто носат конкретни политички и економски поволности за луѓето тука, истакна Борел на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.

Борел потенцира дека одењето напред подразбира и подобрување на односите со соседи, во кој пакет спаѓа и да се создадат услови за усвојување на уставните измени.

Според него, оваа година е клучна по договорот од јули минатата година, кога, како што рече земјава ја доби „најдобрата зделка што можеше да ја добиете“ и не е реално да се очекува повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка.

– На нејзина основа вашата иднина е во ЕУ. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека, додаде Борел.

Премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за уставните измени, кои се услов за продолжување на преговорите, посочи дека и двајцата високи претставници на Унијата биле многу јасни дека Северна Македонија има усвоена преговарачка рамка со ЕУ и минатиот јули ги отпочна преговорите, преку првата фаза скрининг.

– Една од одлуките што ние треба да ја донесеме до финално зачленување во ЕУ е усвојување на уставни амандмани со двотретинско мнозинство. Ќе повторам, иако сум кажал повеќе пати, ова не е процес на еден човек, една политичка партија или една влада, ова е процес за целата држава. Обврска е на сите политички партии и пратеници во Собранието да се носат одлуки со кои се обезбедува стратешки цели на државата, а тоа е членство во ЕУ, изјави Ковачевски.

Длабоко сум уверен, посочи Ковачевски, дека во Собранието постои капацитет и визија да се донесат потребните одлуки со кои што државата ќе го продолжи и успешно ќе го заврши зачленувањето во ЕУ.

Во однос на уставните измени, Ковачевски, посочи дека веќе е во формирање работна група за уставни измени во Министерството за правда, во која ќе бидат вклучени експерти по уставно право и експерти предложени од политичките партии, вклучително и од опозицијата.

– Од страна на Владата сите предуслови за вклучување на опозицијата во сите процеси за интеграција во ЕУ, вклучително и носењето на амандманите во уставните измени се направени. На опозицијата е да размислува стратешки и она што декларативно го кажува да го спроведе и во пракса, изјави Ковачевски.

Високиот претставник Борел, одговарајќи на новинарско прашање дали во комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ ја поттикнува да даде поддршка за внесување на Бугарите во Уставот, рече дека „не сум само оптимист, туку и активист“.

– Мислам дека мора да работиме за нештата да се случат. Северна Македонија се обврза дека ќе го смени својот Устав, во него да ги вклучува граѓаните кои живеат во границите на државата и кои што се дел од други националности, како што се Бугарите, изјави Борел.

Според Борел, ништо од тоа не е чудно, посочувајќи дека и најмладата земја членка на ЕУ – Хрватска во својот Устав има најмалку 22 различни заедници.

– Мислам дека вашата држава веќе дава одличен пример на мултиетничко општество. Поради тоа промената на Уставот само понатаму ќе ги унапреди основните права и не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет, а истовремено и ќе се напредне процесот на пристапување, рече Борел.

Борел, уште еднаш нагласи, дека нашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ.

– Вашиот идентитет ќе биде апсолутно зачуван, бидејќи луѓето имаат и неколку идентитети. Нема да бидете помалку од тоа што сте, само бидејќи ќе станете земја членка на ЕУ. Мислам дека е многу важно тоа да се нагласи. Досега сте работеле на напредување на процесот на пристапување и натамошен напредок е неопходно да се исполнат обврските кои што ги презема Северна Македонија. Мислам дека јасно е, порача Борел на заедничката прес – конференција по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација.

Борел вчера се сретна и со шефот на државата Стево Пендаровски, кој по средбата изјави дека размениле мислења и информации за текот на пристапните преговори на земјава и скрининг процесот, кој се одвива веќе неколку месеци, и го поздрави одржувањето на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација.

Добрососедството, добрите односи меѓу соседите и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Ако земјите од Западен Балкан сакаат да станат членки на ЕвроФото: МИА

– Формално, господинот Борел денеска е тука за состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се случува првпат во Скопје, што е уште еден знак или потврда дека процесот на наше приближување кон Европската Унија се одвива со задоволително темпо во оваа фаза, иако станува збор пред сè за техничка фаза и за скенирање на состојбите во виталните области, сепак проценките од Брисел се дека нашите одговори во однос на сите поставени прашања и дилеми во оваа фаза се на висококвалитетно ниво, што не би требало да изненадува со оглед дека ние се подготвувавме за преговорите седумнаесет години, и сме еден од најдобро подготвените кандидати за преговори со Европската Унија, изјави Пендаровски.

Борел, пак, меѓу другото, а ја поздрави како што нагласи, силната и јасна поддршка од страна на претседателот за реформските процеси во земјата на патот кон ЕУ.

врокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеји, по состанокот на Советот, изрази оптимизам во однос на можноста Северна Македонија да стане членка на Европската Унија до 2030 година.

Вархеји, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Скопје со премиерот Ковачевски и високиот претставник Борел, истакна дека тој е секогаш оптимистичен во однос на членството во ЕУ, бидејќи тоа е всушност неговата работа.

– Како прво секогаш сум оптимистичен за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е да. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади или држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ, рече Вархеји.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија рече дека вратите на ЕУ се отворени, но дека на нас останува да ги завршиме обврските и да испорачаме резултати кои се во интерес на граѓаните и на економскиот развој на државата.

– Имаме добра подготвеност да го продолжиме процесот на преговори со ЕУ. Политичката поддршка и наклонетоста која ја имаме од земјите членки на ЕУ треба да ја искористиме сега и да го задржиме континуитетот на евроинтеграциите, додаде вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ истакна дека Северна Македонија ја спроведува Спогодбата во континуитет и во целост, со што, како што се посочува, е постигнато значително ниво на хармонизација на националното законодавство со правото на ЕУ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пакм на состанок на Советот за стабилизација и асоцијација нагласи дека земјата е целосно посветена на започнатиот преговарачки процес кој веќе три децении е наша стратешка реалност и имплементација на европската агенда, со акцент на постигнувањето консензус меѓу политичките партии за клучните области од реформите.

– Од нас самите зависи дали ќе се реализира нашата цел – полноправно членство во ЕУ до 2030, рече Османи.

Во Заедничкото соопштение по 16-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија, меѓу останатото, се посочува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи од процесот на проширување, како и процесот за стабилизација и асоцијација. Постојните билатерални договори, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, треба да бидат спроведени со добра волја.

ЕУ ќе продолжи да ја зацврстува и интензивира својата вклученост, на сите нивоа, за да ја продолжи политичката, економска и социјална трансформација на Северна Македонија, вклучително и преку непрекината помош врз основа на опипливиот напредок во делот на владеење на правото и социо-економските реформи, како и на придржувањето до вредностите, правилата и стандардите на ЕУ. По усвојувањето на правната рамка за Инструментот за претпристапна помош (ИПА) III, што е главен извор на средства, ЕУ ја подвлече потребата од зацврстување на административниот капацитет на ИПА структурите со цел да се овозможи непречено спроведување на ИПА III програмите.

ЕУ со нетрпение го очекува целосното спроведување на Економскиот и инвестициски план и Зелената и дигитална агенда за Западен Балкан, две важни алатки за надминување на социо-економскиот јаз, подобрување на инфраструктурата и поврзаноста и поддршка на зелената и дигитална транзиција на регионот истовремено градејќи отпорност и енергетска независност. Во изминатите три години Северна Македонија доби грантови во износ од 276,3 милиони евра и 362,5 милиони евра во заем во рамките на Економскиот и инвестициски план.

Ова е прв состанок на Советот за Стабилизација и асоцијација што се одржува во Северна Македонија како земја која преговара со ЕУ. Последниот состанок се одржа пред четири години во Брисел.

Back to top button
Close