ЕУ со нови правила за социјалните мрежи: Забрана за деца под 13 години и ограничувања до 18 години
Европската комисија предлага нови правила за заштита на децата на социјалните мрежи, со кои се предвидува целосна забрана за користење на социјални мрежи за деца под 13 години и постепено воведување ограничувања за малолетниците до 18-годишна возраст.

Мерките се дел од новиот Закон на ЕУ за децата (EU Kids Act), кој, според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, треба да постави јасни граници за безбедноста на децата во дигиталниот свет.
Фон дер Лајен на прес-конференција во Стразбур изјави дека Европската комисија претходно разгледала искуства од Австралија и други земји, разговарала со млади луѓе и со земјите членки и формирала посебна група експерти.
Според предложениот пристап, децата под 13 години нема да можат да користат социјални мрежи, додека лицата помлади од 15 години нема да можат самостојно да создаваат профили. За возраста од 13 до 15 години се предвидуваат мини-профили што ќе ги креираат и контролираат родителите или старателите, со ограничени функции и најмногу еден час користење дневно.
За младите од 15 до 18 години, платформите на кои имаат профили ќе мора да применуваат задолжителен принцип на „безбедност по дизајн“.
Фон дер Лајен нагласи дека старосните граници не ја ослободуваат технолошката индустрија од одговорност. Таа посочи дека платформите ќе мора да докажат дека нивните услуги се безбедни за лицата помлади од 18 години.
Возраста ќе се проверува преку алатки сертифицирани од ЕУ, меѓу кои и апликација за проверка на возраста. Таа ќе функционира според принципот на „доказ со нулто знаење“, односно платформата ќе добива само информација дали корисникот ја исполнува потребната старосна граница, без да добива дополнителни лични податоци.
Според Фон дер Лајен, најголемите платформи, наместо дополнително да ја докажуваат штетата откако ќе се случи, однапред ќе треба да достават детални планови за безбедност на децата. Таа истакна и дека родителите повторно треба да имаат поголема контрола.
Претседателката на Европската комисија нагласи и дека дигиталната писменост е важен дел од заштитата на децата, поради што родителите, наставниците и младите треба да бидат запознаени со ризиците и придобивките од дигиталниот свет.
Таа посочи дека дизајните што поттикнуваат зависност можат да влијаат и врз возрасните корисници, поради што Европската комисија планира наесен да предложи поширока рамка преку Законот за дигитална правичност (Digital Fairness Act).






