ЕУ усвои Закон за подобра заштита на производите со географско потекло  

Советот на ЕУ усвои Регулатива за подобрување на заштитата на географското потекло и на квалитетот на вината, алкохолните пијалаци и земјоделски производи, со која истовремено се поедноставува процедурата за регистрација на заштитените брендови.

Според ЕУ, како што јави дописникот на МИА од Брисел, оваа Регулатива ќе донесе видливи придобивки за руралната економија и ќе го заштити гастрономското наследство на ЕУ ширум светот.

Со законската регулатива, производителите добиваат овластувања и одговорност да менаџираат со нивните производи со гарантирано географското потекло, како и можност за нивна заштита од злоупотреба на имињата на брендовите.

Земјите членки добиваат ингеренција да назначуваат т.н. „признати групи на производители“, кои ќе имаат ексклузивни права да го користат името на брендот на нивните производи со заштитено географско потекло.

Регулативата ќе стапи во сила 20 дена по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ.

Заштитеното географско потекло гарантира права на интелектуална сопственост кои ги штитат имињата на производите со специфични карактеристики, квалитети или специфична репутација поврзани со областа во која се произведуваат.

Тие производи се заштитени од копирање или фалсификати, за ознаката за заштитено географско потекло гарантира дека се произведени во согласност со високите стандарди во регион од кој потекнуваат. Покрај за одредени производи, како Пармезанот, Шампањот, Каламата маслинките, Полската водка или сирењата Манчего и Гријер, ЕУ има и систем на заштита на традиционалните специјалитети од одредена географска област, како на пример пицата Наполитана.

Back to top button
Close