ЕУ воведува заедничка листа на „безбедни земји на потекло“ заради побрзи депортации

Преговарачите на Европската Унија денеска постигнаа договор за забрзување на депортацијата на лица чии барања за азил се одбиени, преку воспоставување на прва заедничка листа на таканаречени „безбедни земји на потекло“.

Според компромисот постигнат меѓу владите на земјите членки на ЕУ и Европскиот парламент, на листата треба да се најдат следните држави: Мароко, Тунис, Египет, Косово, Колумбија, Индија и Бангладеш.

Дополнително, како општ принцип, земјите кои се кандидати за членство во Европската Унија, исто така, ќе се сметаат за безбедни. Ова може да ги опфати, меѓу другите, Албанија, Црна Гора и Турција, јави ДПА.

Сепак, можни се исклучоци, на пример доколку Европската Унија вовела санкции кон одредена земја или доколку таму избие вооружен конфликт.

Листата може дополнително да се проширува во иднина, соопшти Европскиот парламент.

Европската комисија ќе биде задолжена да ги следи условите во земјите опфатени со листата и да реагира доколку околностите се променат. Таа може привремено да го суспендира статусот на одредена земја како безбедна, на пример ако дојде до влошување на состојбата.

Листата што ќе важи на ниво на целата ЕУ ќе биде правно обврзувачка за сите земји членки. Истовремено, секое барање за азил и понатаму ќе мора да се разгледува поединечно. Апликантите од земјите на листата нема автоматски да бидат депортирани, но нивните барања ќе се обработуваат по забрзана постапка.

Германија веќе има сопствена листа на безбедни земји на потекло, чија цел е овозможување побрзи депортации. Од земјите вклучени во новата заедничка листа на ЕУ, според германското законодавство досега како безбедни се класифицирани само Косово, Албанија и Црна Гора.

Договорот објавен денеска сè уште треба формално да биде одобрен од Европскиот парламент и од земјите членки на ЕУ, чекор кој вообичаено е процедурален откако преговарачите ќе постигнат компромис

Back to top button
Close