Еурофобија.мк

Да не се залажуваме – Македонија тивко, но се’ поизвесно, станува еурофобична.

Тој феномен, иако некои би сакале да го поврзат со извесни политички структури, партии, или надворешни центри на влијание, во основа е подлабок комплекс, и претставува интровертен, но, уште поважно, национално униформен израз на масовна, напати патопсихолошка пасивна агресија, со сите нејзини клинички манифестации. Заробени помеѓу нужноста и притисокот за приклучок кон геополитичките текови, и длабокото незадоволство од сопствената судбина, ние станавме вљубени во сопствениот „патос“, длабоко вгнездени во самододелената улога на жртва, а всушност класично пасивно агресивно општество кое ризикува самото себеси да си стане најголем непријател.

Македонија (би рекол, Македонците) веќе две децении интимно се бори помеѓу потребата за напредок кон евроинтеграциите,и лузните кои цената за тој напредок ги остава во нашата колективна меморија. Ние сме заробени во тој конфликт: од една страна, неумоливоста на светските геополитички текови, од друга страна, дилемата дали сметката можеме да си ја дозволиме, но уште повеќе, дали сакаме да ја платиме. Притоа, долгиот период на пробивање кон НАТО и ЕУ, во кој секој системски напредок е во основа мачен, безволен, од „зорт“ наместо со „алал“, кај голем дел од граѓаните создава ментална матрица на цинизам, апатија, и длабоко разочарување и незадоволство, кое, соочено со неможноста да се сменат геополитичките текови, наместо во отворен конфликт, се претвора во пасивно агресивно однесување, затскриен отпор кон промените. Со тек на времето, таквите чувства, кои во основа не се адресирани правилно, ниту од домашната политичка сцена, ниту од меѓународната заедница, се претворија во тивка, но масовна, еурофобија, која е особено истакната кај Македонците.

Оваа еурофобија, манифестирана во тековното пасивно агресивно однесување, е во основа патопсихолошки феномен во кој афектираната личност (или општество), наместо конструктивно и отворено да се спротивстави на некои појави или однесувања со кои не се согласува, истото го прави затскриено, тивко. Некои од клиничките манифестации се: (1) отпор кон барањата на другите, особено ако тие барања доаѓаат од некој повисок авторитет (како во нашиов случај ЕУ), (2) деструктивни кон соработка – согласување со задачите, но нивно тивко саботирање или неизвршување, (како на пример реформите), (3) цинично, навредено, неволно однесување, одбивање да се вклучат во дебата или општествени текови, (4) постојани поплаки дека се оштетени, неразбрани, прелажани, иако учествувале во сите поважни одлуки. Во основа, интегрирана личност ќе ве одбие доколку понуденото не им одговара. Пасивно агресивна личност ќе го прифати договорот, но никогаш нема да го спроведе. Звучи познато?

За волја на вистината, има тука и понекој здрав психолошки елемент, како на пример природниот и нормален страв од промени, од тоа дали сме кадарни да се натпреваруваме во новиот глобален светски поредок, дали ќе можеме да одговориме на предизвиците. Таа позитивна „трема“ е сосем нормален одговор на предизвиците кои ги носи новото време. Но, сепак, најголемиот дел од оние кои ги имаат таквите дилеми, се веќе емигрирани, и тоа прашање веќе го одговориле – на никој не му паѓа на памет да се врати. Оние кои остануваат, остануваат со горчина, со тивок отпор, без суштинска желба за напредок, откажани од својата иднина, а сето сокриено со тивка агресија кон промените.

Оттаму доаѓа нашиот комплекс на жртва – ние, во основа, сме умислиле дека цената со Преспанскиот договор, и со Договорот за добрососедство со Бугарија, е толку висока, што ние членството во ЕУ веќе сме го платиле, и нема што понатаму да правиме реформи или да се менуваме – затоа бараме тие да не внесат прекутрупа, или најмалку, да ни гарантираат дека ништо повеќе не треба да правиме. Кога таквото барање не би било таков космички израз на длабока несигурност, би било комично. Зашто, кога си во основа несигурен, лесно е секоја неопходна промена за иднината, да ја саботираш со тажачки за цената на своето „херојско“ минато. Се прашувам, нашите прадедовци, чиј демек образ толку ревносно го штитиме, дали би се согласиле во тоа име да ја жртвуваат иднината на своите правнуци?

Кај нас, излезот од кругот на циничен тивок отпор, односно затскриената еурофобија, за среќа или за жал, сепак е на повидок. Имено, тој општествено психолошки конфликт ќе се кристализира во дебатата поврзана со уставните измени, односно дали ќе донесеме одлука да ги направиме. Тука психолошкиот феномен повеќе е фокусиран на нужноста од некаков избор, одошто кој ќе биде тој избор. Во неумоливата нужност од таа одлука, за која меѓународната заедница веќе истакна дека нема простор за маневар, ќе се фокусира нашата општествена катарза. Биполарниот карактер на таа дебата – или уставни измени, или откажување од ЕУ, ќе не донесе, без оглед дали за три, пет, или десет месеци, пред позиција без можност за „фемкање“ – кон собата, или назад во ходникот. Ние досега по тоа прашање редовно имаме нулта позиција—класична пасивно агресивна тактика—кога опциите не ни се допаѓаат, воопшто не носиме одлука. Она за кое во наредниот период на непријатен начин ќе се освестиме, е дека и неносењето одлука, е одлука сама по себе.

Петар Арсовски

Извор: Дв

 

Back to top button
Close