Еуроконтрол планира пренасочување на воздушниот сообраќај подалеку од Белорусија

Европската агенција за контрола на летањето „Еуроконтрол“ денеска соопшти дека низ Белорусија дневно минуваат околу 100 авиони на европски и британски превозници и дека е најдобро во иднина тие да се пренасочат кон воздушниот простор на балтичките земји.

Лидерите на ЕУ вчера се согласија дека треба да се избегнува белорускиот воздушен прост откако Минск присили на слетување цивилен авион на компанијата „Рајанер“.

Белоруските власти потоа уапсија опозициски новинар кој бил во авионот, предизвикувајќи револт од меѓународната заедница.

ЕУ, исто така, ќе го исклучи белорускиот превозник „Белавија“ од својот воздушен простор и од аеродромите.

„Луфтханза“, КЛМ, САС, „Ер Франс“, ЛОТ и „Сингапур ерлајнс“ се дел од авиокомпаниите кои најавија дека ќе престанат да летаат над Белорусија.

“Авиокомпаниите што го избегнуваат воздушниот простор на Белорусија ќе летаат подолго и ќе имаат поголеми трошоци за гориво во зависност од рутата. Подолгите линии генерално ќе бидат релативно помалку погодени”, соопшти Еуроконтрол пренесена од британските медиуми.

„Најефикасните рути за повеќето превозници што летаат над Белорусија ќе бидат пренасочени низ балтичките држави“, соопшти „Еуроконтрол“.

Оваа агенција собира такси за Белорусија за летовите над нејзината територија, кои во 2019 година изнесуваат 85 милиони евра.

Пренасочувањето на летовите ќе влијае на дваесетина аеродроми во ЕУ, од Ларнака до Хелсинки, кои имаат летови на „Белавија“ за или од Белорусија.

Back to top button
Close