Еуроникел Индустри и Синдикалната Организација во компанијата потпишаа Колективен Договор

– Еуроникел Индустри потпиша Колективен Договор со Синдикалната организација од компанијата со кој се дефинирани дополнителни права и бенефиции за приближно 1000 вработени. Договорот опфаќа подобрување на условите за работа, унапредување на работната средина, зголемување на безбедноста при работа, пораст на платата на вработените и бројни други бенефиции за вработените.

За Еуроникел Индустри потпишаниот договор е дополнителен чекор во вреднувањето на вработените како најголем капитал и најважна инвестиција на компанијата.

„Еуроникел Индустри е компанија која успешно работи благодарение на својот највреден капитал, вработените. Тие се нашата најважна инвестиција и затоа целиме да креираме професионален и компетентен персонал, кој е соодветно вреднуван, а со тоа и мотивиран да го даде најдоброто од себе во раст и развој на компанијата. Она што ние како менаџмент можеме да им ветиме на вработените е долгорочна иднина, стабилност, напредни услови за работа, а со тоа придонес кон поквалитетен живот”, рече Герасим Кујунџиев директор на Еуроникел Индустри.

Компанијата во изминатите 3 години направи големи инвестиции кои директно ги подобруваат условите за работа.

„Инвестирањето во вработените, во работната средина во Еуроникел Индустри, како и во самата фабрика се одвиваат во континуитет. Вкупните инвестиции во изминатите 3 години надминуваат 130 милиони евра, а само последните неколку месеци оваа година имаме реализација на инвестиции во опрема која надминува 2,5 милиони евра. Сите овие вложувања имаат за цел да ја подобрат ефикасноста и нормативите на производниот процес, а со тоа да се зголеми и конкурентноста на компанијата на меѓународно ниво, што е од исклучителна важност за долгорочноста на компанијата”, истакна Андреас Цагарис од Еуроникел Индустри.

Претседателот на Синдикатот Миле Ѓорѓиев го истакна задоволството од досегашната комуникација и соработка: „Потпишувањето на овој Колективен Договор е резултат на нашата континуирана комуникација со менаџментот на компанијата и на заедничките заложби за подобрување на работничките права. Досега веќе постигнавме многу, оваа година веќе е реализирано покачување на платата, а продолжуваме со секојдневна комуникација за понатамошно подобрување на секој аспект од работата што се одразува врз работниците и нивната добросостојба и задоволство од работната средина.”

Со свој став излезе и претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов кој го поздрави потпишувањето на Колективниот Договор во Еуроникел Индустри и упати порака до сите членови на СИЕР, но и до другите компании кои немаат синдикално здружување, дека уредувањето и унапредувањето на правата на работниците е клучен фактор за постигнување на зацртаните цели на секоја компанија, бидејќи токму работниците се тие што ја креираат најголемата вредност на секоја компанија.

Потпишувањето на Колективниот Договор и сите овие дополнувања на правата на вработените во Еуроникел Индустри се договорени во месец мај во знак на чествување на празникот на трудот и почит кон работничките заложби. Во Еуроникел Индустри моментално работат приближно 1000 вработени.

Back to top button
Close