Еуростандард банка – жртва на криминал и корупција

Почитувани читатели и денешнава колумна ја посветувам на стечајот на Еуростандард банка, кој не можам да го прежалам и не чувствувам вина, затоа што не сум имал порив да уништам нешто во кое сум вложувал и градел со години. Деструктивниот чин за мене е несвојствен, не сум таков човек.

Во колумните кои ги пишував изминатиот период, напоменував дека егзекуторот е Народна банка. Меѓутоа, поривот банката да оди во стечај потекнува од Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, судскиот систем на Македонија поддржан од бизнис лобито етаблирано во струмичкиот регион и секако, логистичка поддршка на Комерцијална банка.

За жал, не сум единствениот граѓанин на Република Македонија кој доживеал вакви животни неправди со долготрајни трауматични последици. За жал, вообичаено е вакви работи да се случуваат во држави каде владеат криминалот и корупцијата.

Не сум ни единствениот кој јавно говори дека Македонија е заробена држава, потоната во криминал и корупција. Тоа го тврди целата светска заедница, пред сѐ и нашите пријатели САД и ЕУ.

Еминентниот дневен германски весник и водечки европски медиум ,,Франкфуртер Алгемајне Цајтунг” ја опишува денешната Влада на Република Македонија како криминогена и коруптивна. Уште пострашно е што ние граѓаните го прифаќаме овој факт како реалност со која живееме и се помируваме.

Од друга страна, холандскиот амбасадор г-динот Дирк Јан Коп, во Република Македонија отворено нѐ праша: „зошто финансиски ве помагаме изминативе 15 години, со средства од даночните обврзници на Европа, кога ништо не имплементиравте за да се стекнете со европски вредности, а недвосмислено секој ден ја повторувате вашата желба да бидете членка на ЕУ”?

Со еден збор, без дипломатски ракавици господинот Коп им ја предочи вистинската дијагноза на нашата држава во очите на светот.

Фелата новинари, кои треба да бидат чувари на законитоста и детектори на девијантните појави во системот, ставени се на многу ниско истражувачко ниво.

Истражувачкото новинарство треба да ги детектира девијантните појави во општеството. Во случајов со Еуростандард банка во стечај е тотално незаинтересирано. Како граѓанин на Република Македонија, очекувам истражувачкото новинарство да се занимава со сите сегменти на криминал и корупција, од најнизок до највисок чин без исклучоци.

За жал, иако имаме државна Комисија за борба против криминал и корупција, нејзиното место и улога денес се тотално занемарливи. Ниту оваа комисија не најде за сходно да го анализира стечајот на Еуростандард банка, а во секојдневието се занимаваат со ситни криминални и коруптивни дејствија. Крупните потези, каде што е очигледно присуството на криминалот и корупцијата, до ден денешен се нечепнати. Говорам и за капиталниот проект со потпишан договор од фебруари оваа година со ,,Бехтел-Енка”, кој сѐ уште не е отпочнат со работа, а потпишаниот договор се држи далеку од очите на јавноста, па и од државната комисија за борба против криминал и корупција.

2 / 2

Почитувани читатели, капиталниот проект со ,,Бехтел-Енка” е од државен интерес, проект кој го плаќаме ние, граѓаните на Република Македонија.

На истражувачкото новинарство и сите институции кои се бават со криминал и корупција, достапноста до информации за овој проект е невозможен.

За жал, идентичен е случајот и со Еуростандард банка. И денес, ние, акционерите талкаме по лавиринтите на нашата правна држава барајќи ги вистината и правдата.

Факт е дека проектот ,,Бехтел-Енка” и Еуростандард банка немаат ништо заедничко, но и во двата случаи недостасува вклучување на истражувачкото новинарство и органите на прогонот.

Се ближат парламентарни и претседателски избори . Како држава со вграден повеќепартиски систем на функционирање, ние граѓаните повторно ќе бидеме ставени во ситуација да дадеме легитимитет на тие кои треба да ја водат државата.

Сакам да верувам дека ќе се појават политичари кои навистина ќе се зафатат во костец за праведна борба против криминалот и корупцијата, веќе метастазирани во сите сегменти на македонското секојдневие. Ни требаат не еден, туку илјадници луѓе кои ќе бидат посветени и добро организирани во борбата против ова општествено зло. Многу подобро организирани од организираниот криминал.

Свесен сум дека оваа борба е многу тешка, бидејќи целото општество со сите негови институции е заразено.

Почитувани читатели, никој однадвор не може да ни го реши проблемот со криминалот и корупцијата. Тоа мораме самите да го направиме, да го исчистиме плевелот за да никне здраво семе.

Прашање кое се поставува пред секој чесен граѓанин е дали сакаме да се справиме со ова зло или ќе дозволиме молкот и летаргијата да нѐ доведат до рамнодушност која го убива здравиот дух и виталноста на човештвото.

Трифун Костовски

 

 

Back to top button
Close