Еуростандард банка – жртва на злобни и необразовани луѓе
Цената на незнаењето и злобата ја плаќаат и поединци и целиот систем. Незнаењето е казна за општеството со долга колатерала, и наместо да бидат санкционирани поединци и институции кои не ги бранат државниот и интересот на граѓаните, казнети сме сите.
Почитувани читатели во денешната колумна посветена на Еуростандард банка, акцентот го ставам на изјавата на Гувернерот Бежоска, дадена во неделникот Фокус, само после 3 недели откако ја однесе Еуростандард банка во стечај. Таа во своето интервју вели:
„Она што сакам особено да го напоменам е дека секој денар дополнителен капитал, обезбеден во изминатиот период, е денар повеќе за обештетување на депонентите и доверителите на банката, односно бил и е во нивен интерес”.
Очигледно е дека госпоѓата Бежоска повеќе се занимава со интересот на граѓани поединци, отколку со стабилизирање на функционирањето на банкарскиот систем во Република Македонија.
Ниту еден гувернер во светот не се занимава со работи надвор од своите ингеренции. Основна обврска на гувернерот е да го контролира работењето и развојот на банкарскиот систем во државата. Во нашиот случај гувернерот води социјална политика, која е вон ингеренциите на нејзината институција, Народна банка.
Очигледен е фактот дека госпоѓата Бежоска од својата позиција Гувернер, го уништува семејството Костовски. Под нејзин притисок ја отуѓивме најсилната осигурителна компанија во Македонија, Еуролинк и финансиските средства ги вложивме за докапитализација на банката.
Ние, како семејство Костовски, никогаш не сме имале сомнеж во добрите намери на институцијата Народна банка, кога е во прашање банкарскиот систем.
Очигледно е дека намерата да се носи Еуростандард банка во стечај била донесена многу одамна, (можеби една до една и половина година порано), од датумот кога таа се однесе во стечај.
Наредбодателот за носење на Еуростандард банка во стечај е таканаречената „сива еминенција”, која е под контрола на Народна банка во целост, но требаше да се појави Бежоска како гувернер за да се реализира оваа замисла.
Очигледно, сомнителниот образовен квалитет и неискуството на гувернерот Бежоска за извршување на оваа функција, го стимулираа ова злодело.
Гореспоменатото интервју на госпоѓата Бежоска дадено на 3 септември 2020 година за неделникот Фокус, денес е избришано од веб сајтот на Народна банка.
Убеден сум дека нејзините советници ѝ укажале на фактот дека се занимавала со дејности кои се надвор од нејзините ингеренции.
Само 6 месеци пред стечајот, докапитализиравме 13 милиони евра, а во тие последни 6 месеци ѝ беше одземена дозволата на Еуростандард банка да работи со правни и физички лица. Додатно, на Еуростандард банка ѝ беше одземено и правото за присилна наплата од цели 97 дена, поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19.
Госпоѓата Бежоска ги прескокна инструментите кои ѝ беа на располагање, да превенира во банкарскиот сектор како што се : вонредни мерки и администрација во банката која за период од една година ќе покаже дали банката треба да се однесе во стечај или треба да се санира.
Денес, после 40 месеци од носењето на банката во стечај, повеќе од сѐ е јасно дека сите правни и физички лица, како коминтенти на банката ќе бидат целосно обештетени и ќе се појави голема сума на средства во стечајната маса како вишок.
Времето е фактор што ќе ја изнесе вистината на виделина.
Злобата и незнаењето не треба да нѐ казнуваат нас, туку да бидат казнети.
Барам да ми се врати Еуростандард банка во целост, со сите претрпени штети кои овој стечај ни ги нанесе како семејство!
Нема да отстапам од моите барања, бидејќи во животот никогаш не сум ја поминал црвената линија во практикување закони кои се на сила во државата.
Секогаш сум возвраќал на сечија подадена рака. Мојата должност е и моја чест, моја чесност како лојален граѓанин на мојата држава да придонесувам со дела.
Цената на незнаењето и злобата нѐ казнува сите, ја плаќа општеството, а всушност треба да бидат казнети непромислените на моќни позиции. Нивната казна треба да биде пример како треба да се санкционираат и поединци и институции кои не го штитат државниот и интересот на граѓаните.
Вистинската борба против организираниот криминал и корупција треба да отпочне во самите институции на системот.
Јавноста мора да знае дека нема да замолчам кога е во прашање и лична и колективна неправда.
Борбата е мојот животен порив. Моите идеали се токму во таа борба за вистинско, праведно општество со правдољубиви човечки вредности.
Трифун Костовски
–Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став нa libertas.mk-