Евентуалното отфрлање на референдумот ќе го влоши односите на владата со опозицијата, порача Мицкоски

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека доколку се точни написите во кои се вели дека власта се подготвува за отфрлање на референдумската иницијатива за поништување на договорот со Бугарија, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието, тогаш ќе се потврди дека кај СДСМ и ДУИ владее страв од волјата на народот.

„Бегаат од предвремени избори, бегаат од народот, единствено не бегаат од криминалот и кражбите. Не заслужуваат да се викаат Влада. Прават сѐ да ги влошат односите со опозицијата. Јас уште еднаш ги предупредувам дека единствената одговорност ќе биде кај Владата, бидејќи не покажува демократски капацитет. Ова е одлична можност за демократско изјаснување на народот и на референдум и на предвремени избори“ изјави Мицкоски.

Сепак, Мицкоски вели дека се надева оти станува збор за шпекулации и дека треба да се остави на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да даде зелено светло за иницијативата по што ќе се тргне во поход по потребните 150 илјади потписи за да се оди на референдум.

„Да гo оставиме Талат Џафери да го каже својот збор и да одиме на собирање на потребните потписи за организирање на референдум за поништување на договорот со Бугарија“ вели Мицкоски.

Back to top button
Close