Евробаскет: Историско полуфинале за Финска

По Турција и Грција, пласман во полуфиналето на Европското првенство обезбедија и финските кошаркари, откако вечерва во четвртфиналето во рига ја совладаа Грузија со 93-79.

Финска за прв пат се пласираше во полуфиналето на Евробаскетот, во кое ќе игра против победникот од вечерашниот натпревар помеѓу Словенија и Германија.

Голем чекор кон победата направија избраниците на тренерот Ласи Туови во првото полувреме, кое го добија со 17 поени разлика (57-40), а на почетокот на третиот период имаа и +20 (62-42).

Во продолжението од натпреварот, Грузија успеа да ја намали негативата на шест поени разлика (73-67), но Финците одговорија со серија од 8-0, поведоа со 81-67 и мирно го приведоа натпреварот кон крајот.

Финска до победата ја предводеа Микаел Јантунен со 19 поени и пет скокови, Лаури Марканен со 17 поени, шест скокови и две асистенции и Едон Маџуни со 15 поени.

Претходно, Турција во четвртфиналето беше поуспешна од Полска со 91-77, додека Грција победи против Литванија со 87-76.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close