Европа, Европа…

„Европа ја отелотворува надежта”, е насловот на интервјуто со американскиот историчар Тимоти

Снајдер (Timothy Snyder), објавено минатата недела во германскиот весник „ФАЦ“. Денес многу од Македонците нема да се согласат со тоа, затоа што се разочaрани од ЕУ, но Снајдер знае зошто го вели тоа, бидејќи добро ја познава европската историја. Во мигот тој предава во Торонто, откако ја напушти Америка. Тоа за многумина беше знак на протест кон режимот на Трамп, кој често го споредува со тој на Хитлер во Третиот Рајх. И американската писателка Сири Хуствет (Siri Hustvedt) зборува за фашизам во американската актуелна политика. Во една изјава за неделникот „Ди Цајт” и таа ја нарекува Европа стар сон и симбол на надеж, повикувајќи се на Виктор Иго, кој на конференцијата за мир во Париз 1849 рекол: „Ќе дојде денот кога сите нации на нашиот континент ќе сочинуваат едно европско братство.” Тој ден за неа е сега, кога  Доналд Трамп  и неговите сојузници  се обидуваат да го дестабилизираат светот.

 

Словенечкиот филозоф Славој Жижек потсетува во истото издание на „Ди Цајт”, дека Трамп уште во 2018 ја означил ЕУ како најголем непријател. Затоа што ЕУ е идејата за Европа на обединети нации кои, доколку успеат да ги надминат недостатоците на националните држави, би можеле да одговорат на сегашните предизвици, смета Жижек. Тој потсетува дека ЕУ е замислата на европското Просветителство која, за жал, самата ЕУ речиси ја заборави, но сега, пред опасноста Трамп и Путин да ја „растурат”, станува јасен нејзиниот скриен потенцијал. Тоа што, според него, им пречи на Трамп и Путин во ЕУ, е „претставата за Европа како цивилизација”. Затоа Европа мора да стане суверена како континент, со тоа што одново ќе се дефинира себеси, зашто сега таа „се чини трома и слаба, исплашена од сопствениот еманципирачки потенцијал“, заклучува Жижек.

„Новите империи“ и ЕУ

Иако се чини дека светот е станат реална орвеловска антиутопија, Снајдер истакнува дека, за разлика од сликата на Орвел во „1984”, каде Америка е тоталитарна империја „Океанија”, која ја дели моќта со Русија и Кина, додека Европа станува жртва на „Евроазија”, во сегашноста Америка со тоталитарниот режим не станува посилна, туку послаба. Тој потсетува дека по Втората светска војна Америка стана силна затоа што „постави правила”. Така Европа можеше да се опорави од војната и да почне основањето на  Европската Унија, што беше предност за Америка која во неа имаше стабилен трговски партнер и политички сојузник. Со оддалечувањето од Европа, Америка си штети себеси, а профитираат само  Русија и Кина, заклучува тој.

Знамиња на ЕУ
„Тоа што им пречи на Трамп и Путин во ЕУ, е претставата за Европа како цивилизација“Фотографија: Jens Kalaene/dpa-Zentralbild/ZB/picture alliance

Слично на Жижек, и Снајдер верува дека најдобриот одговор на „новите империи” е токму ЕУ. Последните пет века биле времето на европските империи. Прашањето е што следи потоа? Путинова Русија смета дека мора да следи нова империја и затоа ја нападна Украина, укажува тој. Всушност, со одговорот дека по долгото петвековно постоење на Европа како меѓусебно конкурирачки империи, кои циклички запаѓаа во војни, Снајдер помага да се разбере зошто за Русија е толку важно да ја шири идеологијата на омраза кон Европа. „ЕУ не е перфектна, но таа е драстично различна од империите од стариот вид. За жал, Европјеците често не го разбираат тоа. Затоа што нациите имаат веќе заборавено дека порано беа центарот на мултинационални царства, кои тие денес, во спротивност на фактите, ги гледаат, пред се‘, како национални држави, па затоа не се свесни дека ЕУ е единствениот одговор на прашањето ‘како понатаму’ после крајот на нивните империи. Тие не гледаат дека Европа ја отелотворува надежта дека може да има и нешто поинакво. За жал, Америка во моментов избира еден друг пат, назад кон империјата, и тоа кон една самоуништувачка империја, полна со самоомраза”, заклучува Снајдер.

Според него, една причина за национализмот во земјите-членки на ЕУ, е тоа што учениците во многу европски земји беа воспитувани во верувањето дека историјата на нивните земји била национална историја. Напротив, тој потсетува дека многу денешни европски држави долго време не биле национални држави, туку дел од европските колонијални империи.„Европа беше центарот на империите, тие се распаднаа и нивните остатоци денес ја сочинуваат ЕУ. Кога Европејците би сознале дека тие помалку беа актери во историјата како нации, отколку како империи, тие можеби полесно би увиделе дека денес нивните најголеми конкуренти се империите. Тогаш би сознале колку нивната Унија е важна како алтернативен проект”, заклучува Снајдер.

Како може Европејците да се потсетат на предностите на ЕУ и на обединета Европа, која би била доволно силна да држи баланс помеѓу новите империјални стремежи на исток и на запад? Снајдер смета дека во овој контекст  Германија е „најважната демократија во светот” и заклучува дека „дали во светот ќе има демократија, зависи од Европа, а Европа зависи од Германија.” Тој смета дека Германија мора да ја изрази проактивно својата водечка улога во Европа.

Токму таа определба ја навести германскиот канцелар Фридрих Мерц во говорот на Минхенската конференција за безбедност, кога јасно укажа дека „помеѓу Европа и САД се отвори амбис, еден длабок расцеп”, истакнувајќи дека Америка практикува „императорска политика” („Großmachtpolitik”). Мерц, кој долго кон Вашингтон настапуваше помирливо, во Минхен јасно ја изрази новата агенда. „Не е доволно, колку што е можно, мудро да се реагира на маневрите и каприците на Големите. Во ова време на агресија ние ќе ја поставиме нашата сопствена агенда. Ние ќе станеме свесни за нас самите”, истакна Мерц. Една таква европска самосвест би можела да биде шансата на ЕУ да го обнови духот што го поставија нејзините основачи кој, таа, како што вели Жижек, во меѓувреме го беше заборавила.

Говорот на Мерц, со амбициозниот наслов, „Програма за слобода”, во германскиот печат се доживува како  прогласување на независност на ЕУ,  при што тој најави „јасно водство” на Германија во Европа, затоа што  САД  го „прокоцкале” правото на водач.  „Европа не верува во царини и протекционизам, туку во слободна трговија”, потцрта тој. Новата агенда е замислена како зајакнување на Германија, на ЕУ, притоа не откажувајќи се од НАТО, но барајќи и нови партнери во светот. Се оценува дека ова навестува нова динамика во ЕУ, во која моторот можеби нема да биде секогаш само тандемот Германија и  Франција,  но и други земји, меѓу кои се споменува и Италија. Што ќе значи сето ова за Македонија? Можеби само малечка надеж дека во  новата агенда на ЕУ,  за која зборува  Фридрих Мерц,  нема повеќе да се толерира ветото поради заштита на тесно националните интереси на земјите- членки. И за тоа Европа е уште симбол за надеж… (dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close