Европа има контра-предлог на планот на Трамп за Украина

Европските земји презентираа ревидирана верзија на американскиот план за Украина со која се зголемува предложената големина на вооружените сили на земјата и разни територијални отстапки, според документ што денеска го виде Ројтерс, пренесуваат агенциите.
Контра-предлогот е изготвен од таканаречените европски сили Е3 – Велика Британија, Франција и Германија – изјави извор запознаен со документот. Документот се темели на американскиот предлог, го следи и предлага измени точка по точка.
Документот, подготвен за дискусија за планот во Женева, предлага ограничување на големината на вооружените сили на Украина на 800.000 „во мирно време“ наместо 600.000 според американскиот план. Во него се забележува дека разговорите за територијална размена би започнале „на линијата на контакт“.
Европскиот контра-предлог наведува дека „пристапувањето на Украина во НАТО зависи од консензус на земјите-членки, што не постои“. „НАТО се согласува трајно да не стационира сили под негова команда во Украина во мирно време“, се наведува во документот, забележувајќи дека борбените авиони на Алијансата ќе бидат стационирани во Полска.
Европските земји предлагаат Украина да добие безбедносни гаранции од САД, како што се оние предвидени во Член 5 од Повелбата на НАТО.
„Украина ќе биде финансиски компензирана, вклучително и преку руски суверени фондови, кои ќе останат замрзнати сè додека Русија не ја компензира Украина за штетата“, се наведува во документот. Планот на САД предлага 100 милијарди долари од замрзнатите руски фондови да бидат инвестирани во „напори за реконструкција и инвестиции предводени од САД во Украина“ и САД да добијат 50 проценти од профитот од овој потфат. САД, исто така, предлагаат остатокот да биде инвестиран во „посебен инвестициски инструмент на САД и Русија“.
Во исто време, „Украина се обврзува да не ја враќа својата окупирана суверена територија со воени средства“.
Украина ќе мора да одржи избори што е можно поскоро по потпишувањето на мировниот договор.
Американски функционер изјави дека разговорите меѓу претставниците на САД и Украина во моментов се „продуктивни, па дури и убедливи во некои области“.
Во меѓувреме, украинските медиуми, повикувајќи се на Блумберг, објавија дека како одговор на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, Украина ќе инсистира на безбедносни гаранции слични на Член 5 на НАТО и на зачувување на сегашната линија на фронтот како основа за какви било понатамошни преговори со Русија.
Украина и нејзините европски сојузници ќе инсистираат дека дискусиите со Русија за какви било територијални размени можат да се случат само откако ќе заврши војната по сегашната линија на контакт, според луѓе запознаени со контрапредлогот. Другите санкции ќе бидат укинати во фази, а на Русија постепено ќе ѝ биде дозволено да се врати во глобалната економија доколку се придржува до договорот.
Европскиот одговор доаѓа во време кога советниците за национална безбедност на САД, Украина и Европа се состануваат денеска во Женева за да разговараат за американскиот план со претседателот Доналд Трамп, кој продолжи да инсистира на договор наскоро.
Според медиумските извештаи, се очекува Киев да се откаже од областите на Донбас контролирани од Украина, да ја намали својата армија и да се откаже од значителен дел од своето оружје. Планот предвидува трансфер на преостанатите територии на Донбас во замена за безбедносни гаранции од САД за Киев и Европа, иако механизмот за тие гаранции не е јасно дефиниран.
Американските пратеници рекоа дека за време на разговорот со државниот секретар Марко Рубио, тој го опишал мировниот план на САД како „список на желби“ за Русите, а не како вистинска понуда од Вашингтон. Рубио подоцна го негираше ова, наведувајќи дека „мировниот предлог е изготвен од САД“






