Европа, НАТО и Америка се во процес на распаѓање

Забележувам дека двете најголеми македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја тераат караницата околу продолжувањето на процесот на преговори за членство во ЕУ како да се работи за воз кој не чека на станицата а ние треба само да влеземе. Има нешто гротескно во нашиот однос кон светската политика. Пред нашите очи се одвива процес на распаѓање на Европа, на НАТО, па и на Америка а ние се однесуваме по онаа народната „селото гори баба се чешла“.

Не разбирајќи ги драматичните промени во светската политика и потребата бргу да го затвориме несогласувањето со Бугарија, власта се исмева со водачот на опозицијата во неговиот напор да води политика на мир инсистирајќи на уставни промени по цена на личната политичка кариера. Повторно и по кој знае кој пат се употребува погрешниот аргумент дека кога СДСМ биле на власт, морале да изградат широк консенсусус во парламентот околу Договорот за добрососедство со Бугарија и околу „Францускиот предлог“.

Преку чист популизам, упорно и упорно се заобиколува една вистина: дека во сите демократски системи во светот токму извршната власт е таа која потпишува меѓународни договори а улогата на опозицијата е да ги поддржи или да ги отфрли преку гласање во парламентот. Оттаму и зборот „ратификација“. Тоа е така затоа што теми од областа на надворешната политика знаат да бидат ургентни: нема белким да чека државата противникот да ги бомбардира додека се обидувата во парламентот да го остварат невозможното – консенсус преку гласање. И се би било во ред кога власта би ја превзела иницијативата, преку дипломатија, да најде решение после кое нашата мала балканска држава би имала добри односи со сите соседи. Но, не само неактивноста туку и критиката на ставовите и активноста на опозицијата од страна на власта е опасна. Имено, да се оспорува правото на опозицијата да има своја „вистина“ за спорот со Бугарија значи да се работи против демократијата која, не еднаш покажала дека „денешното табу е утрешниот консенсус“. Ако нешто може да и се приговори на опозицијата денес тоа е дека е премногу „срамежлива“ во одбрана на своите позиции дома.

Темата за проширување на ЕУ е сеуште тука ама не е на листата на приоритети на Унијата. Овие денови, на врвот на листата на приоритети е милитаризацијата на европските држави во подготовки за војна. Никој не зборува за мир дури ни сега кога е јасно дека беше погрешна прогнозата дека Русија ќе мора да го прифати ширењето на западниот воен сојуз во Украина. Во услови на прекинати дипломатски канали на комуникација на европските држави со Русија, сите се качуваат угоре по скалилото на воената ескалација, парада на „одлучност да се спротистават на агресорот“ и која не води никаде. Вон од дебатата за големите светски теми и за иднината на Европа, последица на слабите институции и луѓето кои од нив направиле инструмент за лична промоција, на граѓаните на Македонија им останува само да чекаат што им носи судбината. Во мислите ми се појавува свирепата сцена од најраното детство, на беспомошност од зоолошката градина во повоено Скопје: стаклениот кафез во кој спие огромен питон и зајак кој трепери во другиот ќош…

А, кога би си ја знаеле нашата најнова историја и кога би имале вистински научни институции, би имале толку многу да кажеме за блиското минато и да придонесеме кон иднината на нашиот континент. Имено, во некоја смисла се почна со распаѓањето на Југославија. Соочена со кризаата во Југославија, ЕЗ го прогласи „моментот на Европа“ и тргна во насока на нејзино решавање. Џејмс Бејкер, американскиот министер за надворешни, на одвоени состаноци со претседателите на републиките и нивните министри за надворешни работи, ни нагласи дека неговата држава нема намера да се замеша во уште една европска војна, трета по ред во дваесеттиот век. И одлета за Вашингтон. Другото, како што се вели, е историја.

Спротивно на одлуката на Арбитражната комисија на чело со Бадинтер која беше за признавање на Словенија и Македонија, Германија, раководена од своите интереси и под влијание на хрватското лоби во Бундестагот, ја призна Хрватска а не Македонија. Набргу, и другите држави на ЕЗ го следеа примерот на економски најмоќната држава на Заедницата и ветото на Грција кон Македонија. Разочараниот лорд Питер Карингтон со кого често зборував за потребата сите да останат околу зелената преговарачка маса до финалното решение на југословенската криза, ја осуди јавно постапката на Германија, и се повлече од позицијата претседавач со Конференцијата за Југославија.

Тоа само ја разгоре војната. Три години подоцна, во 1995, дојде до нејзина кулминација со геноцидот во Сребреница. Години на ред, Европа беше немоќна. Со искуство во интеграција но без искуство во војни и дезинтеграција, без зедничка воена сила да го поткрепи правото, Европа на почетокот од деведесеттите, не само што не ја запре војната во Југославија туку ја разгоре. Имено, за да си успешен во меѓународната политика мора да зборуваш со еден глас, а Европа тоа не го можеше ниту тогаш ниту сега. Потоа, следеше американската воена интервенција како уште еден доказ дека кога е потребна војна за да се воспостави мир, Европа на може без Америка. Мислам дека и искуствата со југословенската криза се важни за да најдеме одговори на прашањето: Како натаму во свет во кој процесот на распаѓање на ЕУ, НАТО и Америка зема замав?

Денко Малески

Back to top button
Close