Европеизација со Бугаризација


Како мислеше македонската влада да го скрие предлогот на француското претседателство за свикување на првата меѓувладина конференција со ЕУ? Особено, како можеше да скрие предлог кој не значи ни вистински почеток на преговори додека тука уште еднаш не го смениме Уставот по барање на земја-членка на ЕУ? Ако во Владата се толку сигурни дека добро се издговориле со Франција за да направи прифатлив предлог, зошто го криеја? Или, чекаа Радев да го одбие предлогот, па да се спасиме со уште едно вето до декември.

Во Бугарија предлогот отиде на разгледување во Собранието. Кај нас по дома ќе си го анализираме. И, како што е редот, на партиски митинзи.

Сега власта ќе нè убедува дека така е кога се преговара – дека сите мора по нешто да изгубат. Што губи Бугарија? Ништо. Напротив, добива можност во иднина да нè блокира кога и да ѝ се посака. Европската унија го изгуби кредибилитетот затоа што дозволи прашањето на постоењето на еден народ и еден јазик да стане дел од преговарачкиот процес.

На што можеме да се надеваме од Европската унија во иднина, ако во текот на преговарачкиот процес Бугарија продолжи да се изживува врз нас? А ќе се изживува. Во преговарачка рамка ставија мерење на омразата!? На крајот на краиштата, не е ни толку страшно што уште еднаш ќе го менуваме Уставот. Страшно е што кај и да е, ќе дојде денот кога и македонскиот јазик во Европската унија ќе се одбележува со ѕвездичка, оти Бугарија вика дека не постои. Затоа што, нели – тие се внатре, а ние сме надвор.

Тоа не е европеизација на Македонија. Тоа е бугаризација. Враќање на 1941. Без разлика дали се викало бугарска администрација, или фашистичка окупација.

Целата колумна на  Горан Михајловски на  сдк.мк

Back to top button
Close