Европол: Разбиена криминална група во Шпанија, уапсени 22 лица поради 26 милиони евра
– Дваесет и две осомничени лица се уапсени во меѓународна полициска операција во која учествуваа пет земји со поддршка на Европол и Евроџаст.
Се претпоставува дека уапсените се членови на организирана криминална група, која го оштетила шпанскиот буџет за повеќе од 26,5 милиони евра.
„Во серија координирани рации на 28 април беа извршени претреси на 24 места кои припаѓаат на криминалната банда“, соопшти Европол. Претреси беа извршени во Шпанија (18), Холандија (5) и Белгија (1).
Истражителите запленија 16 луксузни возила и 13 недвижности во вредност од околу 1,3 милиони евра и замрзнаа десетина банкарски сметки што ги држеле криминалците во 33 различни финансиски институции.
Европол распореди свои експерти во Шпанија и Холандија за поддршка на националните власти за време на операцијата. Групата користеше софистицирана инфраструктура за да го олесни затајувањето данок, што се прошири во повеќе земји во изминатата година и половина.
Тие користеле фиктивни компании во Шпанија, Словачка, Романија, Белгија и Холандија за да се преправаат дека тргуваат со стока. Всушност, стоката не била доставена до компании во други земји, туку останала во истата земја.
За трансакции во рамки на земјата треба да се плати данок, што оваа група го избегнала.