Европратеникот Ковачев за нападот на Арсовска: Уште еден напад на бугарски државјанин во С Македонија

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во нападот на градоначалничката Данела Арсовска препозна напад на бугарски државјанин во С Македонија. Тој во објава на социјалните мрежи вчеравечер изјави дека е сериозно загрижен за она што во текот на денот ѝ се случило на скопската градоначалничка, за која рече дека е бугарска државјанка. Ја повика амбасадата на Бугарија во Скопје да ѝ обезбеди правна, конзуларна и морална заштита.

„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија! Уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски граѓани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се декларираат како Бугари“, напиша Ковачев во објава на Фејсбук.

Тој оцени дека притисокот во земјава врз граѓаните што се декларираат како Бугари е толку голем што, како што вели, тие се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет.

„Сличен случај се случи и со министерката за енергетика Сања Божиновска, неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и луѓе од најтесниот семеен круг на сегашниот, претходниот и претходните премиери на земјата“, додава европратеникот.

Во објавата на Фејсбук, бугарскиот европратеник додава дека Бугарија е должна да ги штити правата, безбедноста и достоинството на над 216 илјади бугарски државјани во Македонија, кои, како што вели, го докажале своето бугарско потекло и изјавиле дека се чувствуваат како етнички Бугари.

По изјавата на Ковачев, градоначалничката Данела Арсовска вчеравечер во интервју за „Тешки муабети“ на Инфомакс го демантира бугарскиот европратеник, наведувајќи дека нема бугарско државјанство.

„Јас од раѓање имам чешки пасош, мајка ми е Чехиња, имам македонски и чешки пасош, немам бугарско државјанство ама еве и да имав, не треба да ме заштитат? МВР е должно да ги штити сите на територијата на Град Скопје, дури и да се бугарски државјани, а јас не сум бугарски државјанин“, изјави Арсовска за Инфомакс.

Наводите дека Данела Арсовска има бугарско државјанство ги изнесе СДСМ уште во кампањата за локалните избори во 2021 година. ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа Арсовска на минатите локални избори, ги демантираше наводите на СДСМ. Арсовска уште тогаш најави дека ќе поднесе тужба против СДСМ за наводите дека поседува бугарско државјанство и лична карта, но тоа никогаш не го стори.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close