Европска недела на мобилност: Возете велосипед! Бидете внимателни и одговорни велосипедисти!

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) со повеќе активности се приклучува во кампањата „Европска недела на мобилност“, која Европската комисија веќе две децении ја спроведува секоја година во третата седмица од септември.

Целта на кампањата е формирање на здрави животни навики, чиста животна средина, побезбеден сообраќај и поддршка на алтернативни форми на мобилност затоа што возењето велосипед е здрава навика која позитивно влијае на здравјето на луѓето, ја заштитува околината и ја намалува емисијата на гасови. Секојдневно користење на велосипед е неспоредливо поевтин начин на урбана мобилност од кое било друго превозно средство со бесплатно место за паркирање, велосипедот претставува доминантно превозно средство на кратко растојание до 5 километри во урбана средина од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување до целта, а секој велосипед повеќе значи моторно возило помалку, што значи и намалување на сообраќајниот метеж и побезбеден сообраќај, велат од РСБСП.

Велосипедскиот сообраќај се промовира бидејќи е еколошки најодржлива форма на сообраќај, троши малку енергија, не бара многу простор за движење и за паркирање, зашто е најевтин начин на урбана мобилност и придонесува за унапредување на здравјето.

Освен пешачењето, велосипедот е средство за транспорт со кое може директно да се пристапи до целта на патувањето, има мала потрошувачка на енергија, не загадува, придонесува за одржување на здравјето на луѓето, овозможува заштеда на простор (велосипедот бара релативно малку простор за движење и мирување)

Велосипедот е рамноправно превозно средство во сообраќајот на патиштата. Велосипедистите треба да се движат по означени велосипедски патеки, а каде што нема такви треба да се движат од десната страна, покрај работ, на коловозот.

РСБСП укажува на здравствените, еколошките, економските, социјалните и други придобивки од возењето велосипед и апелира: „Возете велосипед! Бидете внимателни и одговорни велосипедисти!

 

 

Back to top button
Close