Европската централна банка ги задржа непроменети каматните стапки за првпат по една година

Каматната стапка за рефинансирање на банките ќе продолжи да биде 2,15 отсто, а каматната стапка за банкарските депозити преку ноќ ќе биде 2,0 отсто

Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ги задржа каматните стапки непроменети, по долг циклус на намалувања, но и со цел да одвои време за проценка на претстојните одлуки во трговскиот спор меѓу Вашингтон и Европејците за царинските мерки.

Означувајќи пауза во намалувањето на трошоците за задолжување, ЕЦБ предупреди и дека нарушувањата во глобалните синџири на снабдување би можеле да го ограничат производствениот капацитет на компаниите и да ја поттикнат инфлацијата.

Банката прави пауза во намалувањето на трошоците за финансирање за првпат по речиси точно една година.

Каматната стапка за рефинансирање на банките ќе продолжи да биде 2,15 отсто, а каматната стапка за банкарските депозити преку ноќ ќе биде 2,0 отсто.

Според соопштението од ЕЦБ, комерцијалните банки ќе продолжат да плаќаат каматна стапка од 2,4 отсто за кредити преку ноќ.

Инфлацијата во еврозоната, според дефиницијата на ЕЦБ, благо се зголеми во јуни на два отсто, што сигнализира стабилен раст на цените.

Како што објави Европскиот завод за статистика, храната и услугите значително пораснаа, а цените на енергијата благо опаднаа.

Управниот одбор на ЕЦБ соопшти дека ценовните притисоци се намалија, укажувајќи на поблаг раст на платите.

Се очекува инфлацијата да изнесува во просек два отсто во текот на 2025 година.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард рече дека олеснувањето на инфлацијата и охрабрувачките знаци на фронтот на раст ја ставаат ЕЦБ во добра позиција да се справи со турбуленциите и ризиците што ќе се појават во наредните месеци.

Очекува дека неизвесноста за светската економија, која се соочува со трговската офанзива на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите царински мерки, ќе биде брзо решена.

По преговорите обележани со пресврти во текот на изминатите неколку недели, се чини дека се оформува трговски договор меѓу ЕУ и САД.

Договорот предвидува царински мерки од 15 отсто за европскиот извоз во САД, со исклучоци особено за аеронаутика, алкохолни пијалоци и одредени лекови.

Трамп на 12 јули излезе со декрет за царини од 30 отсто за целиот увоз од ЕУ почнувајќи од 1 август.

Според аналитичарите, зајакнувањето на трговските бариери ризикува да нанесе дополнителен удар врз економијата на еврозоната и да ја натера ЕЦБ да размисли за уште едно намалување на каматните стапки по летото.

Back to top button
Close