Европската демократска партија на Аријанит Хоџа се спојува со ДУИ
Централното собрание на Европската демократска партија оцени дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на политичка партија што ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија

Европската демократска партија предводена од Аријанит Хоџа се спојува со ДУИ на Али Ахмети. Централното собрание на партијата ја разгледало поканата на ДУИ за обединување на политичките сили, информира партијата на Фејсбук.
-Сметајќи го политичкиот моментум како важен во однос на најголемото можно политичко обединување на Албанците и за што посилно артикулирање во рамките на политичкиот глас, особено по Конгресот на ДУИ, промените што се случија и усвоените резолуции, Централното собрание на Европската демократска партија оцени дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на политичка партија што ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија – соопшти партијата.
Од ЕДП додаваат дека Централното собрание го овластило претседателот на партијата Хоџа да ги продолжи разговорите со претседателот на ДУИ и да најде најдобра форма и модел за заокружување на овој процес.
ЕДП предводена од Хоџа пред парламентарните избори во 2024 година станаа дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ, а во коалицијата НАИ на Ахмети настапија и на ланските локални избори.
Хоџа политички првпат се активира во ДПА тогаш предводена од Арбен Џафери, за потоа да стане дел од партијата Нова демократија на Имер Селмани кој исто така се отцепи од ДПА. Потоа премина во Беса и беше генерален секретар и потпретседател на партијата на Билал Касами.
Хоџа беше министер за земјоделство во Владата на Зоран Заев, откако Беса направи предизборна коалиција со СДСМ во 2020 година.
Генералното собрание на ДУИ на состанокот пред два дена ги повика сите политички партии во земјава кои се блиски до визијата на ДУИ, како и интелектуалните, социјалните и професионалните капацитети, да се приклучат во нивната партија,
-ДУИ останува отворена за инкорпорирање и апсорбирање на сите интелектуални и политички потенцијали во земјата, со цел унапредување на политиките и визијата кои се во интерес на државата и на сите граѓани. Овој повик е упатен до сите политички субјекти, социјални, интелектуални и стручни здруженија, да станат дел од ДУИ и нашата заедничка визија за стабилна држава – соопшти ДУИ.





