Европската комисија ги подготви нацрт-преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија

 

 Денеска, Европската комисија му ги претстави на Советот нацрт-преговарачките рамки за Албанија и Северна Македонија, во кои се утврдени упатствата и принципите за нивните пристапни преговори. Комисијата беше поканета да ги достави овие предлози во март 2020 година од Советот за општи работи кога  беше донесена одлука за отворање преговори со двете земји.

 Комесарот за соседска политика и проширување Оливер Вареји искоментира: „Денеска се одбележува уште еден важен чекор на патот на Албанија и Северна Македонија кон Европската Унија. Исполнувајќи ја нашата обврска, претставуваме конкретни рамки за спроведување на пристапните преговори. Нашите предлози се засноваат на ревидираната методологија за проширување што ја претставивме во февруари за да го направиме пристапниот процес поверодостоен, со посилно политичко управување, подинамичен и предвидлив. Со нетрпение ги очекувам дискусиите со земјите-членки и што поскоро одржување на првите меѓувладини конференции со двете земји. Нивната иднина јасно припаѓа во Европската Унија и убеден сум дека ќе продолжат да ги спроведуваат реформите на нивниот европски пат како што тоа го правеа досега “.

 

 Преговарачките рамки ги утврдуваат насоките и принципите за пристапните преговори со секоја земја-кандидат. Нацрт-рамките се поделени на три дела: 1) принципи со кои се регулираат пристапните преговори, 2) суштината на преговорите и 3) процедурата на преговори.  Целта на преговорите е Албанија и Северна Македонија да го усвојат законодавството на ЕУ во целост и да обезбедат негово целосно спроведување и влегување во сила по пристапувањето.

 Нацрт-преговарачките рамки се засноваат на искуството од минатите проширувања и тековните преговори за пристапување. Тие ја интегрираат ревидираната методологија за проширување, ги земаат предвид промените во законодавството на ЕУ и, соодветно, ги отсликуваат сопствените заслуги на земјите и специфичните ситуации.

 Кредибилитетот се зајакнува преку уште посилен фокус на фундаменталните реформи, започнувајќи со владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација, како и економијата на двете земји. Предлозите предвидуваат и посилно политичко управување со процесот и поголема динамичност со организирање на поглавја за преговарање во тематски групи. на пристапниот процес може да се подобри преку поголема јасност за позитивните последици што може да донесе напредокот на реформите, како и за потенцијалните негативни последици во случај на отсуство на напредок, продолжена стагнација или назадување во спроведувањето на реформите и исполнување на барањата во процесот на пристапување.

 

 Како што се обврза во март кога беше донесена одлуката на Советот, Европската комисија им ги претставува нацрт-преговарачките рамки на земјите членки на ЕУ, кои исто така добиваат и ажуриран извештај за напредокот што двете земји го постигнале во меѓувреме. Откако земјите-членки ќе ги усвојат преговарачките рамки, ротирачкото претседателство со Советот на Европската унија ќе ја претстави договорената генерална позиција на ЕУ на првата меѓувладина конференција со секоја од земјите, кое означува формален почеток на преговорите за пристапување. Преговарачките рамки ќе бидат објавени во оваа фаза.

 

 

 

Back to top button
Close