Европската комисија објави дека Фон дер Лајен ќе се oбрати во „северномакедонското Собрание“, па го избриша твитот

Eвропската комисија напиша „северномакедонскиот претседател“ и „северномакедонското Собрание“ па веднаш го повлече твитот за најавата за утрешната посета на претседателката Урсула фон дер Лајен на Скопје.

„Претседателката Фон дер Лајен утре ќе биде во Скопје за да се сретне со северномакедонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Претседателката ќе се обрати во северномакедонското Собрание на пленарна седница во 13:00 часот“,

беше напишано во првиот твит на Европската комисија.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека реагирале веднаш штом забележале дека е употребена несоодветна придавка.

„Добивме уверување дека е направена ненамерна грешка, по што објавата беше веднаш избришана“

велат од МНР.

По реакцијата од МНР, Европската комисија објави нов твит.

„Претседателката Фон дер Лајен утре ќе биде во Скопје за да се сретне со претседателот на Северна Македонија и премиерот Димитар Ковачевски. Претседателката ќе се обрати во Собранието на Северна Македонија на пленарна седница во 13:00 часот“,се вели во исправениот твит на ЕК.

Претседателката утре ќе се сретне во државниот врв, а ќе се обрати и во Собранието пред почетокот на седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог со кој треба да се одблокираат македонските евроинтеграции.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close