Европската крајна десница се дистанцира од Трамп поради Венецуела и Гренланд

Крајнодесничарските и популистички партии во Европа, кои со години отворено го поддржуваа и го фалеа Доналд Трамп, сè почесто се дистанцираат од американскиот претседател поради неговите сè поагресивни потези во надворешната политика, вклучително и воената интервенција во Венецуела и обидот САД да го преземат Гренланд од Данска, пишува Индекс.хр.
Трамп долго време им даваше поддршка на европските крајнодесничарски партии, со кои споделува слични ставови за имиграцијата, климатските промени и суверенитетот, придонесувајќи тие да добијат поголема меѓународна легитимност и поддршка во сопствените земји. Ова беше нагласено и во новата Национална безбедносна стратегија на САД, објавена минатиот месец, во која се наведува дека „растечкото влијание на патриотските европски партии дава причина за голем оптимизам“.
Но, расположението во Европа се менува. Незадоволството од Трамп расте низ целиот континент, особено поради неговите закани кон европските сојузници и инсистирањето Гренланд да премине под американска контрола. Ова ги става европските крајнодесничарски партии во непријатна позиција, бидејќи отворената поддршка за Трамп станува политички товар.
„Доналд Трамп прекрши фундаментално ветување од кампањата – дека нема да се меша во работите на други земји“, изјави Алис Вајдел од крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АФД), додека ко-лидерот Тино Чрупала ги критикуваше, како што рече, „методите на Дивиот Запад“.
Иако АФД има воспоставено врски со Трамп, анкетите покажуваат дека тоа сè помалку им носи политичка корист. Според анкета на агенцијата „Форса“, објавена оваа недела, 71 отсто од Германците го сметаат Трамп повеќе за противник отколку за сојузник.
Тензиите дополнително се зголемија откако Трамп најави воведување царини за низа земји од ЕУ, меѓу кои Германија, Франција, Шведска и Велика Британија, доколку на САД не им биде дозволено да го „добијат“ Гренланд. Овие земји минатата недела испратија воен персонал на арктичкиот остров на барање на Данска.
Во Франција, лидерот на Националниот собир Жордан Бардела изјави дека Европа мора да реагира, споменувајќи можни „анти-принудни мерки“ и суспендирање на економскиот договор меѓу ЕУ и САД потпишан минатата година. Во Велика Британија, популистичката партија „Реформа на Обединетото Кралство“, предводена од Најџел Фараж, оцени дека иако не е јасно дали Трамп блефира, користењето економски закани против традиционален сојузник е „неочекувано и загрижувачко“.
Критики дојдоа и од Шведска. Матијас Карлсон, еден од водечките идеолози на Шведските демократи, изјави дека сè што ќе допре Трамп „се претвора во срање“, дистанцирајќи се од американскиот претседател.
Сепак, не сите европски крајнодесничарски и популистички актери се подеднакво критични. Холандската Партија за слобода (PVV) и шпанската Вокс го пофалија Трамп за отстранувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но избегнаа коментари за Гренланд. Полскиот претседател Карол Навроцки и унгарската влада на Виктор Орбан повикаа прашањето да се реши билатерално меѓу САД и Данска.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш, пак, истакна дека „САД имаат долгорочен интерес за Гренланд“ и дека тоа не е исклучиво лична иницијатива на Трамп, повикувајќи на дипломатско решение. Италијанската премиерка Џорџија Мелони оцени дека воведувањето царини кон европските сојузници е „грешка“ и најави напори за смирување на тензиите преку дијалог, додека нејзиниот вицепремиер Матео Салвини ги обвини европските земји што испратија војници на Гренланд за обновените трговски тензии.
Сето ова укажува на сè подлабоки пукнатини меѓу Доналд Трамп и европската крајна десница, која се обидува да балансира меѓу идеолошката блискост и растечкиот притисок од јавноста во сопствените земји.






