Европската унија на раскрсница

Консензус и опстојувањето на ЕУ

Деновиве во јавноста се повеќе се расправа за иницијатива за надминување на застоите во остварување на ветените проекции за развој и проширување на Европската унија.

Варијациите со за и против, а најчесто и со незаземање став на највлијателните членки на Унијата за оваа иницијатива, ја најавија нејзината неприменливост. Таа расправа за заобиколување на консензусот, базата на која почива Унијата, доби нов поттик и со „креативноста“ на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и на серија на министри за надворешни работи на земји членки на ЕУ.

Ако се земат внатрешните односи меѓу членките, па и во поширок контекст состојбите на геополитички план, тие иницијативи може да бидат третирани само како политикантско испитување на пулсот на заинтересираните страни и дневно лавирање – за иницијаторите да манифестираат активност – дека нешто преземаат за надминување на застоите. Веќе е видно дека овој напор за надминување на блокадите за проширување Унијата со нови членки од т.н. Западен Балкан, Украина и Молдавија не може да ги надмине блокадите што произлегуваат од стереотипните поимања кај некои членки на ЕУ за националниот суверенитет, односно за неприкосновеноста на суверените права.

При првите проширувања на членството во ЕЕЗ/ЕУ, таквите приоди се надминуваа со тивки притисоци и изнаоѓање на солуции за постигнување на „заеднички цели“. Се менуваа уставни одредби на кандидатите за членство (за посед на недвижност на странски субјекти на национална територија, па макар и од некогаш протерани сопственици на такви недвижности, се менуваа ригидните одредби за граѓанскиот статус или пограничните спорови се префрлаа за решавање на меѓународни трибунали). Угледот на овој сојуз на држави растеше во светски размери со постигнувањето на компромисни решенија, базирани на консензус.

Меѓутоа, со одмин на времето, промените на геополитичката сцена и социо-економските дисбаланси, бриселската номенклатура не можеше соодветно да ги третира серијата на блокади засновани на наталожени интерпретации на националните истории на новите членки од Средна и Источна Европа. Тие блокади, произлезени од егоистични наративни за своето минато, успешно „легнаа“ на конкретни политички интереси на лидери со авторитарна свест, а особено дојдоа до израз со Путиновата агресија врз Украина.

Актуелните пак, осврти и барања за измени од базичната алка на опстојување на ЕУ – консензусот при донесување, макар и за т.н. технички одлуки, беше добро примена од оние на кои им оди во прилог за нивните интереси во внатрешната политика, а не и на оние членки кои во ЕУ градеа позиции со недоверба и тензии кон нивните непосредни соседи..

Дали тука ќе завршат овие напори за надминување на застои или ќе дојде до нивно практично реализирање набрзо нема да дознаеме, но иницијаторите треба да бидат свесни дека со нив нема да придонесат за враќање на ЕУ како значаен глобален фактор, односно ќе придонесат за натамошно слабеење на улогата и влијанието на ЕУ на светската политичка сцена. Зошто?

Во сизифовскиот обид за обнова на разурната Европа по Втората светска војна со Маршаловиот план и безбедносните антикомунистички концентрации, Западот егоистички успеа високо да го издигне стандардот на своите граѓани, и од недоволно развиените земји ефикасно да привлече дополнителна работоспособна сила во која немаше ништо вложено при нејзиниот развој и едукација. Основата ја поставија вековните европски ривали Французите и Германците и по првиот договор за јаглен и челик, согласноста на интереси последователно ја проширија во одделни области, од земјоделството, царините…., сѐ до слободното движење на луѓе, стоки и услуги. Овие две земји го отпочнаа и процесот на усогласување на ставови за најчувствителните теми од нивната историја, за настани и улогата на личности во минатото, сѐ до конципирање на заеднички учебници по историја.

Така, консензуалното донесување на одлуките меѓу „старите“ членки на ЕУ успешно го обезбедуваше развојот и атрактивноста на Унијата во очите на лидерите на посткомунистичките европски земји. Со тоа ниво на развој на „старите“ членки на ЕУ и потребата од нови пазари за нивните софистицирани производи, се наметна и политиката на проширување во чија примеа се занемаруваа стриктните барања на Копенхашките критериуми на ЕУ за прием на новите членки. Токму таа толеранција за слабостите на новите членки на ЕУ на виделина исфрли пукнатини, кои во отсуство на овластен политички фактор за нивно решавање, француско-германскиот „мотор“ нив да ги балансираше или ги одложуваше за идни времиња. Дури и отворената понуда за поцврсто политичко обединување на тогашниот претседател на Европската комисија Романо Проди или Брекзитот на Велика Британија, беа бајпасирани а актуелно се пласира уверување дека и без примена на стриктен консензус не се поткопуваат темелите вредности поставени од „татковците“ на Унијата.

И денес опстојува да лебди нејаснотијата дали ЕУ е економска или политичка унија? Дури и американските сојузници не знаеја кому во ЕУ да се обратат за изнаоѓање на решенија за глобални политички и безбедносни проблеми, а го толерираа тоа разногласие сѐ додека беа опседнати дека ривалот е Москва, а не Пекинг. За ефикасна глобална улога на ЕУ мала беше „жртвата“ со откажувањето од суверените финансиски атрибути – марката, франкот, лирата, пезосот, драхмата…Така со глобализацијата на економските токови и интереси беа запрени тенденциите за постепено преминување на ЕУ во политичка унија и создавање на авторитетно ниво на одлучување.

Консензусот се претвори во право на вето

Целата оваа рашомонијада се погласно на површина ги исфрли прашањата за границите за отстапување на суверени права и „одбрана“ на партикуларните интереси на одделни членки на ЕУ, особено во услови на воени дејствија во Европа.

По прокламираната берзанската и центрипеталнтаа политика на американскиот претседател, „одбраната“ на суверените права произлезени од историските наративи, помешани и со амбициите за останување на власт, станаа нов лакмус за неколку европски лидери со авторитарни амбиции, а принципот на консензус во одлучувањето во ЕУ го претворија во право на вето. На површина, меѓу лидерите на „старите“ и на „новите“ членки на ЕУ, изби и различното ниво политичка култура и на визиите за развој на ЕУ, со колатерална последица во забавување и оневозможување на унисони одлуки за проширување на ЕУ, согласно заслугите на кандидатите за членство.

А консензусот во донесувањето на одлуките во ЕУ произлезе и од искуствата во практиката на делувањето на меѓународните организации во кои последен збор имаа најголемите светски економски и воени сили и не се почитуваа одлуките на мнозинството. Европското обединување требаше на планетарен план и преку одлучувањето со консензус да ја задржи и афирмира аурата на Европа како најнапредна, не само економска и социјална средина, туку и како најдемократска, хумана и солидарна креација на народите на овој континент.

Губење на геополитичкото влијание

Веќе е доцна „да се врати тркалото“ бидејќи ветото на голема врата влезе во практиката при донесувањето на одлуките во ЕУ, што дополнително го оштети имиџот на ЕУ како парадигма за идни толерантни, солидарни и беневолентни состојби во меѓународните односи, пошироко.

Дел од оваа генерација европски лидери како да не е свесна дека заобиколување на консензусот им погодува на лидери и отуѓени групи кои во тој принцип ја гледаат опасноста по губење на нивната неприкосновена позиција за донесување на клучни одлуки. Директни последици од исфрлањето на тие недоволно анализирани и подготвени иницијативи кои ги рушат темелите за опстојувањето на Унијата, се и податоците за негативните економски резултати, губењето на работите места, а особено маргинализирање на ЕУ во обидите за запирање на воените дејствија и изнаоѓање мирољубиво решение за војната во Украина, Блискиот Исток… За запирање на тој тренд не беа доволни обидите на ЕУ за зацврстување на позициите во размената со Кина и одлуките за ублажување на последиците од „царинската војна“ со САД, односно прифаќање на барањето за градуален пораст на воените буџети за набавка на американско оружје.

Сето тоа придонесуваше за постепено руинирање на темелите на оваа единствена асоцијација на современата политичка сцена, која во повеќе области има постигнато високо ниво на обединување на интересите на земјите членки. Поткопувањето на принципот на консензус во донесувањето на одлуките во ЕУ, еден од темелите за формално, ефективно и делотворно опстојување на Унијата како сојуз на држави, на краток и среден рок самата ќе создаде претпоставки за сопствено укинување. Притоа, огромните материјални штети по нејзините членки ќе бидат минималната загуба во однос на руинирањето на надежта дека без наметнување на сила и ѕвецкање со оружје на меѓународен план може да се постигне повисок степен на соработка, кохезија на интереси брз основа на толеранција и солидарност,

Виктор Габер

Back to top button
Close