Европски министри за надворешни работи порачаа: Нема одлуки за Украина без Киев и Европејците
Министри за надворешни работи на неколку земји-членки на Европската Унија на денешниот состанок во Париз ја потврдија својата поддршка за Украина.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски изјави дека Полска ќе продолжи непоколебливо да ја поддржува Украина и да ги зајакне санкциите пред потенцијалните разговори со Русија. На состанокот на министрите за надворешни работи на Украина и нејзините сојузници во Париз, тој истакна дека продолжувањето на соработката со американската администрација останува важна.
Шефовите на дипломатиите на Шпанија, Германија и Франција денеска во Париз повторија дека ниту една одлука за Украина не може да се донесе без Киев и без учество на Европејците, во момент кога претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, се согласија на „непосредни“ преговори за Украина.
– Нема да има праведен и траен мир во Украина без учество на Европејците, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, додека неговите колеги, германската министерка Аналена Бербок и шпанскиот министер Хозе Мануел Албарес Буено, истакнаа дека „ниту една одлука за Украина не може да биде донесена без Украина“.
– Станува збор за суверена земја со демократски избрана влада. Дополнително, ништо што влијае на европската безбедност – а руската агресија директно ја загрозува европската безбедност – не може да се реши без Европа, рече Албарес Буено.
Германската министерка Бербок повтори дека „нема одлука за Украина без Украина“ и нагласи дека Европа мора да остане обединета.
Министрите се состанаа во Париз на разговори за европската одбрана и ситуацијата во Украина, со учество на Франција, Германија, Полска, Шпанија, Италија, Велика Британија и Украина.
Овој состанок се одржа по телефонски разговор кој траеше повеќе од еден час меѓу претседателите на САД и Русија, при што според Белата куќа, двајцата лидери се согласија да започнат „веднаш“ преговори за завршување на конфликтот во Украина. Непосредно по разговорот со Путин, Трамп имаше разговор и со украинскиот претседател Володомир Зеленски