Европски пари во балкански бунар

Стриктно и праведно. Новата холандска влада на премиерот Марк Руте, избрана неодамна по речиси цела година преговарање, ќе се заложи за јакнење на соработката и поддршката на земјите во Западен Балкан, но ќе има стриктен пристап, како што се вели, кон „евентуалното проширување“. Интересно е дека новата холандска влада сака да преземе една од водечките улоги во Европа, зајакнувајќи ги, меѓу другото, и заложбите, слично на некои други земји-членки, како Шведска и Данска, за укинување на правото на вето во ЕУ, кога станува збор за надворешно-политичките прашања.

За лошите искуства со ставање вето посебно може да се зборува во однос на Македонија, чии соседи, Грција и Бугарија, наметнувајќи ги своите тесногради интереси веќе неколку децении ги блокираат македонските аспирации на патот кон ЕУ.

Но „евентуалноста“ на проширувањето во последните години се соочи со серија нови барања и резервирани ставови, и со значително продлабочување на нерештилниот пристап во натамошното заокружување на „географијата“ на европскиот пројект.                     По неодамнешното преземање на претседавачката палка со ЕУ од страна на Франција, повторно стана јасно дека нема да дувне некаков посилен ветар под крилата на проширувањето. Макрон зборува за деблокада и доближување на Западен Балкан кон ЕУ, и за неговото значење за цела Европа, но, како и што можеше да се очекува, брзо спласнаа надежите дека Париз ќе го стави во прв план проширувањето, и тоа пред сè со оглед на резервираноста на Французите за ова прашање.

Изборот меѓу големиот залет кон федерaлана државна структура, за која се залага Макрон, или демонтирање на досега постигнатото, се чини станува поактуелно со секоја нова криза во ЕУ. Без оглед дали развојот оди кон продлабочување на соработката или кон статус-кво стостојба, довербата, како меѓу земјите членки, така и меѓу европските граѓани кон ЕУ-институциите, е едно од најважните прашања со кое Унијата мора да се справи во наредните години.

За ЕУ, се разбира, вооопшто не е лесно да заземе јасна позиција во однос на ова прашање. Некои членки имаат очекувања дека една евентална нова земја-членка ќе биде нивен сојузник и со оглед на тоа ја поддржуваат нејзината кандидатура, дури и ако земјата кандидатка има уште долг пат да изоди за да ги исполни критериумите од Копенхаген. За мнозинството членки се чини би било егистично и непромислено да се спречи влез во Унијата на земји чија историја, можеби не директно по нивна вина, била насилна и управувана од авторитарни режими. Да се запре или барем паузира процесот на проширување на подолг рок би можело да се протолкува и како израз на намалена самодоверба во заедничкиот европски пројект.

Птици зловесници повеќепати се истрчаа со предвидувања околу можна дезинтеграција на ЕУ. Но тоа се сепак преуранети проценки, иако предизвиците пред ЕУ-лидерите и Европската комисија постојано се усложнуваат. Засега е недоволно јасно на каков начин евроскептичните избирачи во повеќе земји-членки ќе влијаат на иднината на Унијата? Италија, на пример, долго време важеше за најпозитивна ЕУ-членка, но сега има силно ЕУ-критичко јавно мислење. Тоа може да се случи и повеќе други членки. Макрон веќе напролет го очекува голема неизвесност, при што што може да се соочи со можен пораз на претседателските избори, а веднаш потоа би морал да ја отстапи и улогата на претседавач со ЕУ, среде тековниот шестмесечен мандат.

Но прашањата околу неизвесноста на натамошните евроинтеграции во секој случај бараат поголема сериозност во пристапот, во споредба со досегашните искуства. Приемот на нови членки е посебно ставен под лупа. Во својот најнов извештај ревизорската служба на ЕУ оценува дека мерките на поддршка од Брисел имале мошне мало влијание за унапредување на реформите во областа на правната држва и владеењето на правото во Западен Балкан. „Резултатот е мошне сериозен“, изјави деновиве Јухан Партс од ревизорската служба на ЕУ за шведскиот „Европа портал“.

Обвинувањата се дека Брисел „проблемите на Балканот ги решава исклучиво со пари и не дава никаков отпор на националистите“, при што се потенцира дека земјите од регионот, вклучувајќи ја секако и Македонија, само од 2014 до 2020 година добиле околу 700 милиони евра за реформи – „без конкретен напредок“. Се појавија и коментари во медиумите во кои всушност повеќе се упатува критика кон европските ревизори, кои, наместо да се сосредоточат на критика на самата финансиска поддршка, всушност изразуваат мислење дека обемот на европските пари треба да се прошири, но едновремено и да се заострат условите за доделување на дотациите. Како што се забележува во анализите, се чини дека не постои некаква граница за тоа колку многу постои волја за натамошно праќање европски пари – во балканскиот бунар без дно.

Повеќе од две децении ЕУ и поддржува шесте западнобалкански земји во спроведувањето на реформите на владеење на правото, но сите овие земји и понатаму имаат сериозни проблеми со функционирањето на правната држава и елементарните човекови права.

Перспективите на гледање на реалноста се мошне различни. Тврдењата дека ЕУ неправедно поставува премногу нови услови и барања пред кандидатките за членство од Западен Балкан, може да звучат логично и оправдано, но сепак не се доволно за да се оправда и затегнувањето на емотивната жица во домашната јавност, со постојано кревање на октавите на сопствените жалопојки околу „неправедниот третман“. Но, притоа, со затворање на очите пред незавршените домашнаи реформски задачи.

Ветото на Макрон против проширувањето и пристапните преговори на Македонија и Албанија, пред неколку години го поддржа и Холандија. Марк Руте во декемвриската посета на Македонија, по соопштената оставка на Заев, се појави во Скопје и како извесна поддршка од страна на најголемиот билатерален донатор, Холандија, на „рекомпонирањето“ на актуелната македонска владина коалиција, нагласувајќи ја повторно „препораката дека Македонија и Албанија ги исполнуваат условите да ги отпочнат преговорите со ЕУ“.

Останува да се види како Марк Руте, со своите гоеми европски лидерски амбиции, наскоро ќе објасни повеќе дали таа поголема „стриктност“  кон „евентуалното проширување“ кон Западен Балкан, ќе значи строгост во барањата за интензивирање на квалитетни и издржани реформи, но и едновремена силна и недвосмислена осуда на ирационалните вкопувања во исторските балкански ровови и идентетски негирања, кои сè повеќе го нагризуваат и јадрото на европскиот мировен пројект.

 

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close