Европскиот парламент изгласа продолжување на трговските привилегии за Западен Балкан

Европскиот парламент усвои денеска предлог за продолжување на трговските привилегии за одредени земјоделски производи од земјите од Западен Балкан до 2030 година.

За извештајот на известителот Крис ван Дајк гласаа 543 пратеници со кој се предлага измена на регулативата за исклучителни трговски мерки за земјите и териториите што учествуваат во Процесот за стабилизација и асоцијација или се поврзани со него, 72 беа против, а 22 воздржани. Според постојната регулатива на ЕП и Советот на ЕУ, која важи до 31 декември, овошјето и зеленчукот извезени од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија се ослободени од специфични царински давачки и се овозможува пристап до глобалната царинска квота за вино со потекло од Западен Балкан.

Европската комисија препорача поддршката на ранливите економии во регионот на Западен Балкан да продолжи со продолжување на примената на Регулативата за исклучителни трговски мерки за земјите и териториите кои учествуваат во Процесот за стабилизација и асоцијација или се поврзани со него за пет години, до 31 декември 2030 година.

Продолжувањето до 2030 година претставува предлог кој „балансира континуитет, одговорност и правна сигурност“ и им обезбедува на Западен Балкан и на економските оператори „ограничен пристап до основниот пазар, додека ги задржува соодветните механизми за условување“.

Продолжувањето на овие мерки е во согласност со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој нагласува поблиска интеграција на регионот во единствениот пазар на ЕУ.

За да можат земјите од регионот да ги користат овие привилегии, тие мора да ја почитуваат дефиницијата за производи со потекло, да се обврзат да не ги зголемуваат тарифите или ограничувањата за производите увезени од ЕУ и да не „учествуваат во сериозни и системски кршења на човековите права, вклучително и основните права на работниците, и да ги почитуваат принципите на демократијата и владеењето на правото“.

Исто така, тие треба да спроведат економски реформи и да соработуваат со други земји, особено во однос на воспоставувањето регионална зона на слободна трговија.

Европската комисија може да предложи целосно или делумно суспендирање на трговските привилегии, доколку земјата не ги исполни своите обврски.

Трговската размена меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан изнесуваше повеќе од 83 милијарди евра во 2024 година. Европската унија е водечки трговски партнер на регионот, со удел од речиси 78 проценти во вкупниот извоз на регионот и 59 проценти од неговиот увоз.

Како што истакнува известувачот Ван Дајк во образложението на предлогот, трговијата опфатена со овие мерки се зголеми за повеќе од 125 проценти од 2018 до 2024 година, од 60,5 милиони евра на 137 милиони евра.

 

Back to top button
Close