Европскиот век на понижување
Во 1842 година, поразена и скршена, Кина го испрати во Нанкинг својот највисок претставник, Чијинг, да се сретне со Хенри Потингер, немилосрдниот британски колонијален гувернер, за овој да му ги издиктира условите на кинеската капитулација. Со договорот потпишан во Нанкинг, Кина се откажа од сè, а за возврат не доби ништо, освен понижување. Договорот, кој во печатот беше опишан како трговски, беше повод за голема слава кај трговците во Лондон. На кинеските поети им даде причина со стихови да ја овековечат претрпената срамота што и денес ја прогонува оваа голема земја.

Минатиот месец, поразената и скршена Европска комисија ја испрати Урсула фон дер Лајен на голф-терените на Трамп во Шкотска за да потпише сличен договор. Тој беше прикажан како трговски за да се прикрие фактот дека Европа му даде на американскиот претседател сè што тој побара, а за возврат не доби ништо освен понижување. Интересно е што, за разлика од Кина во 1842 година, Европа не помина низ војна. Доволни беа само неколку месеци заплашување со нови царини – техника на мачење што збунетите европски челници, следејќи ги збунетите американски демократи, во почетокот ја занемаруваа држејќи се до паролата TACOS („Trump Always Chickens Out“ – „Трамп на крајот секогаш се плаши и се откажува“).
За европските поети ова не е тема достојна за стихови за длабокото понижување што со децении ќе фрла сенка врз нашиот континент, но европските политичари веќе се изјаснија. „Ден на темнина“, објави Франсоа Бајру, францускиот премиер. „Признавање на слабоста“, рече Мишел Барние, преговарачот на Европската унија во времето на Брегзит, кој веројатно знае по нешто за водење преговори од позиција на крајна ароганција.
Елементите на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД се крајно понижувачки за Европа. Стоката од Соединетите Држави ќе се извезува во Европа без царини, додека европскиот извоз во САД ќе биде оптоварен со паушална царинска стапка од 15%, и неверојатни 50% за челик и алуминиум. А тоа е само почетокот.
Европејците се обврзаа да ги укинат сите веќе постоечки или планирани даноци на капиталот на големите технолошки компании во „облак“, а понудија и огромни парични придонеси со цел да го придобијат претседателот: 600 милијарди долари нови инвестиции во американската економија и 750 милијарди долари за американска нафта и гас добиени со фракинг до крајот на 2028 година. Тоа е импресивен чек од 1.350 милијарди долари – што не ги вклучува милијардите што европските влади веќе ги должат за американско вооружување (доколку имаат намера да ги исполнат дадените ветувања за издвојувања за НАТО).
Давајќи такви ветувања, Урсула фон дер Лајен очигледно ја занемари клучната лекција што Европа мораше да ја научи од првиот мандат на Трамп: пропустот да му се понуди на Трамп куп пари носи голем ризик, но давање ветувања кои не можат да се исполнат е уште поопасно.
Покрај тоа што Европската комисија нема начин да ги натера приватните компании да праќаат пари во Америка, постои уште еден проблем: ниту ветените пари, ниту потребните капацитети постојат. Се разбира, германските производители на автомобили и хемиски компании веќе инвестираат во Соединетите Држави за да ги заобиколат Трамповите царини, но тоа е далеку од ветените 600 милијарди во следните две и пол години. Уште полошо, најавеното купување американски енергенси во вредност од 750 милијарди долари (250 милијарди годишно во следните три години) спаѓа во доменот на фантазијата: годишните трошоци на ЕУ за енергија се далеку под тој износ. Дополнително, американските компании за фракери не можат да ѝ понудат на Европа толку нафта и гас, дури и ако Европејците би биле подготвени и би имале доволно пари за да ги купат.
Зар Трамп тоа не го знае? Се разбира дека знае. Мислите ли дека ги заборавил неисполнетите ветувања на Жан-Клод Јункер? Никој не се сеќава на тоа подобро од сегашниот американски претседател, што може да се види од неговиот поглед. Сето ова му причинува неизмерно задоволство. Ќе добие совршена можност да ги малтретира Европејците, кои одамна ги мрази со страст што не стивнува. Покрај тоа што го намали американскиот трговски дефицит и стави во џеб значителни приходи од царини, Трамп сега може да се радува на моментот кога Европската унија ќе ги прекрши дадените ветувања. Кога тоа ќе се случи, во последната година од својот мандат ќе изнуди низа нови понижувачки отстапки повикувајќи се на прекршените договори.
Ако го споредиме трговскиот договор меѓу ЕУ и САД со договорот потпишан во мај меѓу Велика Британија и Соединетите Држави, ќе забележиме дека во преговорите со Кир Стармер, Трамп беше многу понежен. Не, тоа нема врска со економијата. Не го мотивираше ниту англофилија, ниту поголемата одбивност што ја чувствува кон Урсула фон дер Лајен. Од негово гледиште, за таквиот третман на Велика Британија постојат многу поважни причини, доволно значајни поради нив да влезе во судир со американските производители на автомобили, кои не можат да поверуваат дека сега е поевтино да се увезе автомобил од Британија (без делови произведени во САД), отколку возило на Ford или General Motors составено во Мексико или Канада (иако поголемиот дел од деловите се произведени во Соединетите Држави).
Кој би можел да биде мотивот зад неговата подготвеност да се изложи на остри напади од припадниците на MAGA-движењето заради добробит на британските производители на автомобили, од кои многумина дури и не се во британска сопственост? Најкратко кажано, со воведувањето паушална царинска стапка од само 10% (вклучувајќи ги и автомобилите), што е за 5% пониска од еквивалентната стапка за Европската унија, заедно со укинувањето на царините на челик и алуминиум, Трамп ископа доволно длабока провалија меѓу Лондон и Брисел за дури и најзагрижените поддржувачи на враќањето во Европската унија да ја изгубат волјата да ја продолжат борбата. Него го радува самата помисла дека резултатите од брегзитот, раниот предвесник на неговиот прв изборен триумф, ги направи конечни и неповратни.
Пред да ја прифати сопствената верзија на Нанкиншкиот договор, раководството на Европската унија помина низ четири фази на помирување со судбината – истите четири низ кои минуваа и британските преговарачи во времето на брегзитот: од „Ќе возвратиме со иста мерка ако се осмелат да нè притиснат“, преку „Можеби ќе возвратиме ако мораме“ и „Никаков договор е подобар од лош договор“, до „Очajни сме, дајте ни било што“. Додека во Брисел и европските престолнини се разгорува дебатата за одговорноста за таквиот исход, две прашања бараат одговор: Каде погрешија европските лидери? И што можеле да направат поинаку за да го избегнат понижувањето и да спречат уште поголеми економски тешкотии?
Пред сè, европските преговарачи направија три неизнудени грешки во расудувањето. Прво, претпоставија дека големината на единствениот пазар на Европската унија ќе го надмине секој друг фактор. Но, згрешија. Ако постои големина поважна од сите други, тогаш тоа е вредноста на европскиот трговски суфицит со Соединетите Држави. Фактот дека тој суфицит надминува 240 милијарди долари годишно гарантира дека секоја трговска војна меѓу Соединетите Држави и Европската унија нужно ќе ѝ наштети на Европа многу повеќе отколку на Америка.
Второ, како што веќе забележа мојот колега Волфганг Мунчау, Европејците ја преценија важноста на дефицитот на Европската унија кон Соединетите Држави во секторот на услуги како можен адут што Брисел ќе го искористи во преговорите. Американците можат сосема добро да живеат без марамите на „Хермес“, француско пенливо вино, грчки маслинки и „Порше“, додека без услугите што им ги обезбедуваат Google, YouTube, Instagram и WhatsApp, Европејците не би издржале ни еден час.
Трето, и клучно, тие беа вшушкани од заблудата дека на првиот знак на незадоволство на американските пазари на стоки и капитал, Трамп ќе мора да се повлече. Предолго се држеа до уверувањето дека царините ќе генерираат политички неприфатлива стапка на инфлација на потрошувачките цени и дефлација на берзите во САД. Тоа не се случи од причини што Брисел требаше да ги предвиди.
Во ситуација на раст на цените, потрошувачката побарувачка во Америка побрзо реагира на ненадејните скокови (со економски жаргон, таа е поеластична) отколку што е тоа случај со европската потрошувачка побарувачка и понудата на европските извозници. Затоа мерцедес произведен во Германија отсекогаш бил поевтин во Њујорк отколку во Штутгарт, и затоа денес значителен дел од товарот на царините го апсорбираат европските извозници, кои на американските потрошувачи префрлаат само мал дел од новонастанатите трошоци, поради што инфлаторниот притисок е намален.
Што се однесува до американските берзи, изгледа дека берзанските трговци во моментов се повеќе зафатени со инвестициите во вештачка интелигенција, огромните даночни олеснувања што им ги испорача Трамп и дополнителните годишни приливи од царини во вредност од 300 милијарди долари. Тие се премногу опиени од „ирационалното изобилство“ за да размислуваат за можните негативни макроекономски ефекти од Трамповото играње со царините.
Но да претпоставиме за момент дека лидерите на Европската унија сето тоа го предвиделе. Основното начело на водење преговори вели дека ако не можете да си дозволите да станете од масата без договор, тогаш нема ни смисла да преговарате – подобро е да настапите како молител, како Урсула фон дер Лајен. Значи, што можеше Европската унија да направи поинаку, имајќи предвид дека не располага со луксузот на кинеското внимателно развиено преговарачко оружје во вид на ретки минерали и широк спектар на основни добра без кои Американците не можат да живеат?
Еве неколку предлози.
Првата задача на Европа е да смисли како да ги надомести оние 240 милијарди долари американски дефицит со домашна агрегатна побарувачка, за случај трговскиот суфицит кон САД навистина да исчезне. На пример, Европскиот совет би можел да објави агрегатна производна инвестициска програма во вредност од 600 милијарди евра годишно, која би се финансирала со издавање обврзници на Европската инвестициска банка. Доволна би била самата најава од Европската централна банка дека по потреба ќе застане зад обврзниците на ЕИБ за да трошоците за финансирање се задржат на многу ниско ниво. Во таков случај Европа повеќе не би зависела од Америка за одржување на агрегатната побарувачка.
Исто така, Европската унија треба да се откаже од царините и санкциите на клучните кинески зелени и дигитални технологии кои ги воведе инспирирана од потезите на САД и да постигне договор со Пекинг што ќе вклучува координирани мерки за фискална експанзија и заемни безбедносни гаранции. ЕУ треба да воведе оданочување на облачните технолошки компании по стапка од 5% на сите дигитални трансакции за компании со приходи поголеми од 500 милиони евра годишно (независно од тоа каде им е седиштето). Исто така, Европската унија треба да го укине драконскиот „закон против заобиколување“ на правата од интелектуална сопственост, што ги наметнаа САД, а кој ја нарушува слободната конкуренција со тоа што го става надвор од законот користењето поевтин генерички тонер во вашиот печатач, им забранува на земјоделците сами да си ги поправаат тракторите и им оневозможува на лицата со инвалидитет да направат дури и најмали модификации на своите електрични колички. И конечно, Европската унија би постапила мудро доколку постепено и по фази ја редуцира куповината на американски течен гас и оружје произведено во САД.
Фактот дека за вакви опции во Брисел дури и не се разговара дава јасна слика за состојбата на денешна Европа. Настапувајќи со суптилност на булдожер, Доналд Трамп јасно покажа дека Европската унија повеќе не е способна да се замисли себеси како суверена сила и дека е подготвена во атлантистичката империја да не биде ништо повеќе од вазал. За разлика од Кина во 1842 година, Европската унија го избра ова понижување по своја слободна волја.
Превод: Лени Фрчкоска