Европските амбасадори на гости кај Ковачевски: Предвремените избори не се опција, продолжуваме по патот напред кон ЕУ

Премиерот Ковачевски и владините претставници, како што се наведува во владиното соопштение, на средбата изразиле благодарност за значајната поддршка на европските партнери во сите важни процеси за демократијата во земјава при напредокот на Северна Македонија и отворањето на преговорите

Европската перспектива на Република Северна Македонија е реалност и земјата може да смета на поддршката од европските партнери за натамошните исчекори во евроинтеграцискиот процес. Ова е заклучокот од денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со шефот на делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, и со амбасадори на земји членки на ЕУ во Скопје.

 

На редовниот годишен состанок со резидентните амбасадори, покрај премиерот Ковачевски, присуствувале и вицепремиерите Артан Груби, Славица Грковска, Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи, соопшти владината прес-служба.

 

Премиерот Ковачевски и владините претставници, како што се наведува во владиното соопштение, на средбата изразиле благодарност за значајната поддршка на европските партнери во сите важни процеси за демократијата во земјава, при напредокот на Северна Македонија и отворањето на преговорите, во придвижувањето на процесот напред, како и за финансиската поддршка во напорите за надминување на предизвиците во глобалната, економско-енергетска криза.

 

„Отворени сме како Влада да ги зајакнеме капацитетите на Владата и да го зголемиме парламентарното мнозинство. Наши стратегиски партнери се ЕУ и САД и ќе продолжиме да ја развиваме државата во таа насока, којашто носи сигурност и квалитетен живот на граѓаните, со фокус и кон сите реформи и во делот на владеењето на правото. Ние сме граѓанска држава, успешен пример на функционална, мултиетничка демократија, држава на рамноправни граѓани, со еднакви права и обврски и во тоа е нашата големина и вредност. Ќе продолжиме по патот напред, притоа, со категорична заштита на идентитетските одредници и на достоинството на граѓаните“истакнал премиерот Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, Фото: Влада на РСМ

Тој им соопштил на евроамбасадорите дека предвремените избори не се опција бидејќи тие не се поврзани со можноста за напредок на државата, туку за политички агенди што не се во интерес на граѓаните.

На состанокот било разговарано за актуелни прашања поврзани со текот на евроинтеграцискиот процес на земјава, како и за предизвиците во глобален контекст, предизвикани од војната во Украина на економски и безбедносен план.

„Најавена е натамошна поддршка и во делот на реформите бидејќи, како што е оценето, евроинтеграциите се опцијата за иднината и квалитетот на живот на граѓаните во Северна Македонија. Соопштено е дека се почитува лидерството во напредокот на државата и во храбрите и мудри одлуки што се носат во таа насока и дека се вреднуваат постигнувањата на реформски план“соопштија од Владата.

На состанокот бил потенциран позитивниот тек на скрининг-процесот, со очекување дека фокусот при вреднувањето останува на примената на европските стандарди и европските вредности.

Back to top button
Close