Европските либерали не веруваат во фер избори во Србија

Брисел, 27 мај 2020 (МИА) – Во писмо до европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји, 11 члена на либералната група „Обнова на Европа“ изразија длабока загриженост за состојбата со демократијата во Србија и условите во кои ќе се одржат претстојните избори.

Регионалниот интернет портал European Western Balkans го пренесе писмото, во кое европските либерали му укажале на Вархеји „голем неуспех во однос на посветеноста на Владата и политичкото раководство на Србија кон основните европски и демократски вредности“.

„Ние сме длабоко загрижени за тоа што се чини дека е зголемен јаз меѓу изјавите и заложбите направени од српските власти и исполнувањето и почитувањето на тие обврски во реалноста“, напишаа европратениците од третата најголема група на ЕП, во која спаѓа и партијата на францускиот претседател Емануел Макрон.

„Жалиме за одлуката да се одржат изборите на 21 јуни, во отсуство на договор меѓу владата и опозицијата, што можеше да спречи бојкот на дел од опозицијата. Ваквиот договор би го зголемил и легитимноста на изборите”, се вели во писмото.

„Да биде работата полоша, во светло на неизбалансирано медиумско известување, зголемен притисок врз поединци и граѓанско општество критички настроено кон владата и независни анализи за состојбата со демократијата, Србија неодамна беше класифицирана како хибриден режим. Затоа, веруваме дека изборите ќе бидат далеку од фер и демократски“, се вели во писмото.

Според годинашниот извештај на „Фридом Хаус“, „Државите во транзиција“, Србија е во пониска категорија „хибриден режим“ за првпат од 2003 година, додека претходно беше во повисока категорија „полу-консолидирани демократии“.

Пратениците напишаа дека тие се „повеќе загрижени за растечкото влијание на Русија и Кина и изјавите на српските власти за Европската унија“ кои „фрлија сенка на сомнежот врз политичката посветеност на Србија кон заедничка европска иднина“, се вели во писмото.

Тие напишаа дека  „изјавите на политичките лидери се уште поразочарувачки со оглед на поддршката на ЕУ и фактот дека таа е најголемиот српски трговски партнер“. На крајот од писмото тие го повикуваат Вархеји да ги „потсети властите во Србија безусловно да ги исполнат своите преземени обврски пред претстојните парламентарни избори“. зш/

Back to top button
Close