ЕВРОРЕАЛИСТИ И ЕВРООПОРТУНИСТИ

Огромно мнозинство македонски граѓани се за Европската Унија, и покрај тоа што бројките од истражувањата на јавното мислење последниве две-три години покажуваат намалена доверба во ЕУ. Во Македонија нема евроскептицизам. Има еврореализам. Наспроти евроопортунизам. Тој еврореализам произлегува од разочараноста и од ЕУ и од дома. Разочараноста доаѓа прво од бугарското наметнување на санстефанските соништа во агендата за проширување на ЕУ, потоа се надоврзува на молчењето на останатите 26 земји-членки, а преминува во очај и безизлезност поради неспособноста на македонските политички елити кои ја кријат корумпираноста зад ЕУ интеграциите, а не ги спроведуваат европските вредности во пракса.  Бамборат за ЕУ не оти ги занимаат европски вредности, туку затоа што ќе добивале европски фондови. Ја грабнаа приказната за евроинтеграцијата за да грабнат поголеми провизии.

Причината зошто ние лошо живееме не е затоа што не сме во ЕУ. Лошо ни е затоа што корупцијата и криминалот се вгнездени во партиските елити, а граѓаните се веќе толку резигнирани што дозволуваат да бидат ограбени од тие што ги гласале на избори.  Партиски се краде како да ќе нема утре, се краде по вертикала и по хоризонтала, веќе не се ни кријат, не пак да им е срам.

Сите сме веќе уморни. И од Бугарија, и од европските неисполнети ветувања, а најмногу од заробената држава искрадена од партиите. Само апашите не се уморија. Нè фатија на кондиција, на маратонот кон ЕУ.

Најголемата пречка за внесување на Бугарите во Уставот е токму – Бугарија. Не правиме муабет за тоа што некој тука напишал на Фејсбук „Уа Бугари, не ви доаѓам оваа зима во Банско“, туку за официјални изјави на највисоките бугарски политички преставници. Зборуваме за претседателот Румен Радев кој изјавува дека македонскиот народ е измислен. Зборуваме за декларација на  бугарското Собрание во која е запишано дека македонскиот јазик е бугарски. И зборуваме за Европска унија што тоа го прифаќа како нормално однесување на земја-членка.

Спремни ли сме ние да ја платиме таа цена за влез во ЕУ? Ако сме спремни, ајде, ќе го смениме Уставот. Па после, кога ќе каже Бугарија, ајде сега наведнете се уште малку, оти не ви се врзани чевлите по ЕУ стандарди, дали сме спремни да клекнеме уште пониско?

Политичарите секако ќе го сменат Уставот. Дали тоа ќе се случи во ноември годинава, или вгодина по изборите – сеедно. Но, целата драма околу менувањето на Уставот не е затоа што некој има нешто против Бугарите. Туку поради револтот од односот на Бугарија и молкот на Европската унија. И –  сомнежот дека ова малтретирање нема да прекине.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close