Еврото добива нов изглед: Европската централна банка откри кога ќе стигнат новите банкноти

Европската централна банка (ЕЦБ) подготвува целосно нов изглед на евро-банкнотите, во рамки на првиот голем визуелен редизајн на единствената европска валута. И покрај сè поголемата употреба на картички и дигитални плаќања, од ЕЦБ порачуваат дека готовината нема да исчезне.
За новиот изглед се разгледуваат две теми – европската култура и богатството на природата. Првата би вклучувала личности кои оставиле трага во европската уметност, музика и наука, додека втората би била посветена на природните богатства и мотиви.
ЕЦБ веќе спроведува јавно советување за граѓаните да учествуваат во изборот на конечниот дизајн. Победничкото решение треба да биде објавено во декември годинава, но новите банкноти нема веднаш да се најдат во оптек. Според проценките, нивното воведување не се очекува пред 2029 година.
Директорката на одделот за банкноти во ЕЦБ, Дорис Шнеебергер, го спореди редизајнот со реновирање куќа, нагласувајќи дека не би се вложувало во нешто што наскоро треба да исчезне. Според неа, целта е идните банкноти да бидат поблиски до граѓаните и да имаат современи безбедносни карактеристики.
Истовремено, ЕЦБ работи и на дигиталното евро, кое би можело да биде достапно од 2029 година. Од институцијата нагласуваат дека дигиталната валута треба да биде дополнување, а не замена за готовината.
„Нашата цел е плаќањето со јавни пари секогаш да биде опција, било со готовина или со дигитално евро“, порача Шнеебергер, додавајќи дека граѓаните и понатаму ќе можат да избираат меѓу готовина, дигитално евро или други начини на плаќање.
— реклама —
Еврото досега имаше една поголема визуелна промена. Првата серија беше пуштена во оптек во 2002 година, со мотиви на прозорци, врати и мостови, а подоцна беше воведена серијата „Европа“, која се изработуваше од 2013 до 2019 година.
Новиот дизајн треба да донесе поинаков пристап, со вистински личности, птици и градби, со кои граѓаните од различни генерации ќе можат полесно да се поврзат.






