Еврото ослабе, доларот достигна највисоко ниво во последните недели
Вредноста на американскиот долар значително се зголеми во текот на изминатата недела, поттикната од подобрите од очекуваните податоци за состојбата на пазарот на труд во САД, кои ги засилија очекувањата дека Федералните резерви би можеле повторно да ги зголемат каматните стапки до крајот на годината.

Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американската валута во однос на шесте најзначајни светски валути, порасна за 1,3 проценти и достигна 100,07 поени.
Истовремено, еврото ослабе за 1,4 проценти и се спушти на ниво од 1,1520 долари, додека американската валута зајакна и во однос на јапонскиот јен за 0,7 проценти, достигнувајќи курс од 160,29 јени за еден долар.
Најголем поттик за растот на доларот дадоа најновите податоци од американскиот пазар на труд. Во петокот беше објавено дека бројот на вработени во мај се зголемил за 172.000 лица, што е значително повеќе од прогнозите на аналитичарите. Во исто време, стапката на невработеност останала на ниво од 4,3 проценти.
Економистите оценуваат дека овие показатели потврдуваат дека американската економија и натаму покажува отпорност, што ги намалува очекувањата за евентуално намалување на каматните стапки во блиска иднина.
Дополнителен фактор претставува и растот на инфлациските притисоци, поттикнат од високите цени на нафтата во услови на продолжени геополитички тензии на Блискиот Исток. Поради тоа, на финансиските пазари сè почесто се проценува дека Федералните резерви би можеле да се одлучат за ново зголемување на каматните стапки до крајот на годината, иако таквиот потег би можел да придонесе за забавување на економскиот раст.






