Евтин антидепресив спречува сериозни форми на ковид 19

Евтин антидепресив ја намалува потребата од хоспитализација кај високоризични возрасни пациенти со ковид-19, покажа истражување кое бараше дали некои постоечки лекови можат да се пренаменат за лекување на коронавирусот.

Истражувачите тестирале таблета против депресија и опсесивно-компулсивно нарушување бидејќи е познато дека ги намалува воспаленијата и таа покажала ветувачки резултати во помали испитувања. Тие ги споделиле своите сознанија со Националниот институт за здравство на САД и се надеваат дека таблетата ќе биде препорачана од Светската здравствена организација.

„Ако СЗО ја препорача, ќе видите дека на големо ќе се користи. Се надеваме дека така ќе се спасат многу животи“, изјави коавторот на студијата Едвард Милс од универзитетот Мекмастер во Хамилтон, Канада, додавајќи дека лекот е веќе достапен во голем број сиромашни земји.

Една терапија со лекот „флувоксамин’ би чинела четири долари. За споредба, една терапија со новата антиковид таблета на „Мерк“ ќе чини околу 700 долари и некои експерти предвидуваат дека за лекувањето можеби ќе биде потребна комбинација од третмани.

Истражувачите го тестирале антидепресивот на речиси 1.500 неодамна заразени Бразилци кои биле во ризик сериозно да се разболат од ковид-19. Половина од нив го земале лекот дома 10 дена и само 11% имале потреба од болничко лекување.

Back to top button
Close