Евтина струја – дали навистина плаќаме најниска цена на електричната енергија во Европа?

За своето тврдење дека ние сме држава во Европа која има една од најниските цени за електрична енергија за домаќинства, премиерот Мицкоски се повикува на „Евростат и според сите останати параметри“. Во анализите објавени на веб-страницата на Евростат може да се најдат детални податоци за потрошувачката на домаќинствата за сите европски држави, но последните ажурирани се од втората половина на 2024 година. Односно нема податоци за 2025 година, а исто така за С Македонија нема ниту податоци за втората половина од 2024 година. Така што не е јасно конкретно на кои параметри се потпира тврдењето на Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски  деновиве говорејќи (14.08.2025) за јавниот повик за субвенционирање на трошоците за електрична енергија на ранливата категорија граѓани, меѓу другото кажа и дека цената на електричната енергија кај нас е најниска или меѓу две-три најниски во Европа. 

Но, она коешто исто така можам да го кажам во неколку периоди на регулирање на електричната енергија откако е оваа Влада 14 месеци, ние немаме покачување на електричната енергија за домаќинствата што не е случај во околината. Ако ги гледате другите држави ќе видите дека таму електричната енергија е покачена, 15,20 па во некои држави од соседството и 30 проценти. Така што и според Евростат и според сите параметри ние сме држава во Европа којашто има најниска цена на струја или една од двете, трите најниски цени за електрична енергија за домаќинствата, изјави деновиве премиерот Мицкоски (од 14,00 до 14,39 минута од видеото). 

Дали е тоа навистина така?

Струјата од јануари оваа година (2025) поскапе минимално и тоа се разликува од блок во блок, а во просек изнесува околу 0,92 отсто. Па, така во првиот тарифен блок, зголемувањето е за 0,68 отсто, во вториот за 0,9 отсто, во третиот за 1,93 отсто и во четвртиот за 2,24 отсто, додека киловатот во евтината тарифа се зголеми за 0,9 отсто.

Тоа значи дека едно просечно домаќинство во државата коешто има сметка од да речеме, 2.300 денари, трошокот за електрична енергија ќе му се зголеми за 21 денар, изјави на крајот на декември минатата година претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Со ваквото покачување ниската тарифа (евтината струја) е 1,97 денари за киловатчас, а за високите тарифи – во блок 1 е 4,43 денари, блок 2 е 5,33, блок 3 е 7, 43 денари и најскапиот блок 4 е 18,3 денари за киловатчас. Мрежарината (преносот на енергија) за сите блокови е по цена од 2,14 денари за киловатчас.

Според податоците објавени од Евростат за 2024 година (за 2025 нема податоци) граѓаните на Северна Македонија плаќаат најскапа цена за електрична енергија за домаќинствата во регионот.

Просечната цена за киловат/час за потрошувачите во Северна Македонија  е 0,0943 евра (5,8 денари). За споредба, другите земји од регионот како Албанија и Црна Гора плаќаат  0,0929 евра (5,71 денар), односно 0,0894 евра (5,49 денари) за киловат/час, додека пониски цени на струјата имаат Србија од 0,0783 евра (4,81 денар), Босна и Херцеговина 0,0724 евра (4,45 денари) и Косово  од 0,0659 евра (4 денари) за киловат/час. Ако пак, се погледнат податоците за  Унгарија, земја-членки на ЕУ, може да се види дека просечната цена на киловатчас потрошена електрична енергија е 0,0861 евро, што е пониска од цената во Македонија, Албанија и Црна Гора.

Инфографик: Вистиномер

 

По која цена Европејците плаќале струја изминативе години?

Според податоците на Евростат, цените на електричната енергија за домаќинствата во ЕУ (дефинирани како средни потрошувачи со годишна потрошувачка помеѓу 2.500 киловат часови (KWh) и 5 000 KWh) во втората половина од 2024 година беа највисоки во Германија (0,3943 евра за KWh), Данска (0,3763 евра за KWh), Ирска (0,3699 евра за KWh) и Белгија (0,3313 евра за KWh).

Најниските цени беа забележани во Унгарија (0,1032 евра за KWh), Бугарија (0,1217 евра за KWh) и Малта (0,1301 евра за KWh). За германските домаќинства, трошокот по KWh беше 37 отсто над просечната цена во ЕУ, додека домаќинствата во Унгарија, Бугарија и Малта плаќаа помалку од половина од просечната цена во ЕУ. Просечната цена во ЕУ во втората половина од 2024 година – пондериран просек што ги користи најновите податоци (2023) за потрошувачка на електрична енергија од страна на домаќинствата – изнесуваше 0,2872 евра за kWh.

Графикон: Евростат

За своето тврдење дека ние сме држава во Европа која има една од најниските цени за електрична енергија за домаќинства, премиерот во изјавата  се повика на „Евростат и според сите останати параметри“.  

Во анализите објавени на веб-страницата на Евростат може да се најдат детални податоци за потрошувачката на домаќинствата за сите европски држави, но последните ажурирани се од втората половина на 2024 година. Односно нема податоци за 2025 година, а исто така за С Македонија нема ниту податоци за втората половина од 2024 година. Така што не е јасно конкретно на кои параметри се потпира тврдењето на Мицкоски.

Тоа е случај со табелата на која е прикажан уделот на даноци и давачки што ги плаќаат домаќинствата во Европа за електрична енергија, за втората половина од 2024 година, ама таму нема податоци за С.Македонија.

Графикон: Евростат

Потоа, во табелата со податоци за промена на цените на електричната енергија за домаќинствата во Европа во споредба со претходната година, изразено во национална валута, за втората половина 2024 година, исто така нема ништо за С. Македонија.

Графикон: Евростат

Истиот случај со непостоење податоци за С. Македонија се забележува и во презентираните податоци за цените на електричната енергија за европските домаќинства во втората половина од 2024 година споредено со стандардите за куповна моќ (PPS) на 100 kWh.

Графикон: Еуростат

 

Цената на струјата флуктуира на дневна основа

Компанијата „Eлeктрoмрeжa Србиje АД Београд”, којашто управува со националниот преносен систем за електрична енергија, на својата страница (Energyflux.rs) има детален преглед на дневна основа за флуктуацијата на набавната цена за киловатчас за повеќе земји во Европа кои се дел од Европската мрежа на оператори на преносни системи (ЕНТСО-Е).

Како пример го земавме 14 август, денот кога Мицкоски ја даде изјавата. Пресметката што ја направивме за просечната цена на мегаватчас електрична енергија (збирно во текот на 24 часа) ги покажува следните просечни цени тоа деноноќие во регионот и пошироко: Грција – 99,67евра за MWh, С.Македонија – 100.14 евра за MWh, Романија – 100,25 евра за MWh, Бугарија – 102,34 евра за MWh, Србија – 102,55 евра за MWh, Хрватска – 104,90 евра за MWh, Словенија – 106,03 евра за MWh, Унгарија – 108,83 евра за MWh и Црна Гора – 126,56 евра за MWh.

Просечна цена на електрична енергија за 14.08.2025 Извор: Фото: Energyflux.rs, од „Eлeктрoмрeжa Србиje, АД” Инфографик: Вистиномер

Според овие податоци, испаѓа дека С. Македонија има втора цена на струјата, но тоа е пресметка само за еден ден – 14.08.2025 година – и не може да се земе како кумулативен пресек за цела година.

Фото: Принтскрин Евростат

А, како што може да се види од горната табела, и во периодот од 2022 до 2024 година – пред доаѓањето на Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ на власт –  цената на струјата претрпела само минимални коркции.

Во секој случај, според достапните податоци, не е јасно од каде премиерот Мицкоски ги црпи податоците со кои тврди дека ние сме држава во Европа којашто има најниска цена на струјата или една од двете – трите најниски цени за електрична енергија за домаќинствата. (Vistinomer)

Back to top button
Close