Ф-16 и системи против дронови ќе го обезбедуваат јулскиот самит на НАТО во Анкара

Турските власти преземаат исклучителни безбедносни мерки во пресрет на самитот на НАТО, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара.
Во турската престолнина се очекува пристигнување на голем број светски лидери, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп.
Според информациите на порталот „Хаберлер“, кој се повикува на Блумберг, воздушниот простор над Анкара ќе биде заштитен со системи за противвоздушна и противракетна одбрана од потенцијални закани.
На стратешки локации низ градот ќе бидат распоредени системи за борба против беспилотни летала со цел да се спречат евентуални закани од воздух.
Борбени авиони Ф-16 на турските воздухопловни сили ќе бидат во состојба на зголемена борбена готовност во деновите пред самитот, како и за време на неговото одржување.
Повеќе од 40.000 припадници на безбедносните служби ќе бидат ангажирани во обезбедувањето на форумот, особено во зоните каде што ќе се одржуваат состаноците и околу претседателскиот комплекс Бештепе.
Безбедносни извори наведуваат дека маршрутите по кои ќе се движат странските лидери ќе бидат обезбедени со највисоко ниво на заштита, а засилени мерки ќе бидат воведени и во повеќе делови од турската престолнина.






